Енергетската иднина на земјата не може да се гради без половина од човечкиот потенцијал – жените. Тие се неискористениот интелектуален мотор на секторот, кој бара иновации, различност и модерно лидерство. На kick-off настанот на проектот ПУЛСЕ и Мрежата на жени на ЕВН Македонија, министерката за енергетика, Сања Божиновска, ја поддржа оваа визија, истакнувајќи дека родовата еднаквост е стратешки интерес на државата и секторот.
– Енергетиката е ’рбетот на државата, а жените се нејзиниот неискористен интелектуален мотор. Ако исклучиме половина од потенцијалот, веќе сме во енергетски дефицит – порача Божиновска.
Таа додаде дека енергетската транзиција е и социјален и економски процес, кој бара ново лидерство и различност во носењето одлуки. Секторот глобално минува низ најголемата трансформација – од декарбонизација и дигитализација, до интеграција на обновливи извори и паметни мрежи.
Како показател за напредокот, Божиновска потсети дека во 2024 година соларната енергија во земјава за првпат го надмина капацитетот на хидроенергијата, што е успех за зелената агенда, но и предизвик за управување со системот.
– Модерната енергетика бара лидерство што знае да води промена и култура што задржува талент. Различноста не е прашање на правичност, туку предуслов за паметни решенија – нагласи министерката.
Божиновска нагласи дека бариерите за жените произлегуваат од застарени модели и нефлексибилни системи, а не од недостиг на знаење.
– Тимовите со родова различност носат повеќе иновации и подобра управувачка практика. Ако губиме талент, губиме иднина – порача Божиновска.
Таа ја поздрави посветеноста на ЕВН Македонија како потписник на Принципите за зајакнување на жените и иницијатор на проектот ПУЛСЕ, оценувајќи дека ваквите програми се клучен дел од трансформацијата на секторот.












