Десет лица, вклучувајќи го и осомничениот за масакрот, се пронајдени мртви по оружениот напад во градот Тамблер Риџ, на североистокот од канадската покраина Британска Колумбија, објави денеска канадската полиција. Шест лица биле пронајдени мртви во средното училиште кое го носи името на градот („Тамблер Риџ“), уште две во стан во блиска станбена зграда, за кој се верува дека е поврзан со инцидентот, додека едно лице починало на пат кон болница, соопшти полицијата. Во инцидентот има и 27 ранети, од кои две лица се со повреди опасни по живот.
Безживотното тело на „жената со кафена коса во фустан“, како што било опишано лицето што го извршило нападот во предупредувањето на полицијата испратено до граѓаните преку нивните мобилни телефони, е пронајдено во училиштето. Се верува дека се работи за самоубиство. Полицијата го идентификувала, но вчера не го соопшти идентитетот, ниту, пак, кажа дали е навистина жена. Но, десничарските медиуми во Канада, повикувајќи се на сведоци, вчера објавија информација дека напаѓачот е 18-годишен маж, кој се идентификувал како трансродово лице. Десничарскиот „Вестерн стандард“ објави дека мештаните го идентификувале како 18-годишниот Џеси Стренг. Лиам Ирвинг и Хуан ван Херден, кои го познавале од училиште, потврдиле за „Вестерн стандард“ дека Стренг бил напаѓачот. Тие изјавиле дека тој бил тивко дете, кое секогаш било само и седело некаде во агол, но никогаш не било проблематично. Потврда за идентитетот на напаѓачот добиле и новинарите на „Џуно њуз“, кои разговарале со неговиот вујко. Тој потврдил дека Џеси е одговорен за нападот и дека е трансродово лице. За двете лица најдени мртви во станот близу до училиштето се верува дека се мајката и братот на напаѓачот, кои тој ги убил пред да тргне за да го изврши масакрот.
Извештаите за пукање во средното училиште „Тамблер Риџ“ почнале да пристигнуваат околу 13:20 часот во вторник, по канадско време. Полицијата, која пристигнала на местото за неколку минути, сè уште го истражува мотивот за нападот. Истражителите се обидуваат да утврдат како биле поврзани жртвите со осомниченото лице и дали имало каква било врска помеѓу него и училиштето каде што се случил нападот.
Ученици го опишуваат хоророт што го преживеале како нешто надреално. Тие за медиумите изјавуваат дека околу 13.30 часот се вклучил аларм со упатства за заклучување на вратите. Дариан Квист, матурант во училиштето, вели дека два часа седеле во училницата чија врата ја забарикадирале со клупи, а за тоа време тој на мобилниот телефон добивал фотографии од настанот.
Во текот на вчерашниот ден, повеќе светски лидери изразија сочувство до Канада за трагичниот настан, нешто што ретко се случува во таа држава.












