Жена во Сен Мало, Франција, е уапсена откако се обидела да киднапира автобус, извикувајќи „Алаху акбар“, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител на градот.
32-годишната жена наводно одеднаш станала од своето место во автобусот и се стрчала кон возачот, објави денес „Ле Фигаро“.
„Таа го зграпчила воланот на возилото, кое сè уште се движело, извикувајќи „Алаху акбар“, изјави јавниот обвинител на Сен Мало, Фабрис Тремел.
Возачот успеал да ја врати контролата врз возилото, а потоа нагло закочил.
Еден патник е полесно повреден, соопшти обвинителството.
Според полициски извори, полицијата брзо пристигнала на местото на настанот и ја запрела жената без отпор, особено благодарение на интервенцијата на нејзината мајка, која исто така била во автобусот.
Осомничената е приведена и наводно претходно не ѝ била позната на полицијата.
– Обвинителството на Сен Мало започна истрага по обвинение за оправдување на тероризам и сериозно насилство – рече Тремел.












