Еден ден по дебаклот на Партизан од Панатинаикос во Атина, трофејниот кошаркарски стручњак Жељко Обрадовиќ си поднесе оставка. Најодликуваниот тренер во Европа ги напушти „црно-белите“ по четири и пол години, две титули во АБА-лигата и титула во српската Суперлига.
Додека „црно-белите“ се во голема криза, Обрадовиќ оцени дека единствениот начин да се промени ситуацијата е да си замине. И тоа го кажа пред јавноста и во емотивно проштално писмо.
- Пред четири и пол години се вратив во мојот сакан клуб и тргнав да го живеам најубавиот сон со вас. Имав желба и цел нашиот Партизан повторно да стане дел од Евролигата по 10 години, и сите заедно успеавме во тоа. Натпреварите на нашиот сакан клуб станаа нешто повеќе од кошарка, благодарение на вас, кои сте најзаслужни за тоа. За жал, дојде моментот кога морав да ја преземам одговорноста за сите лоши работи што се случија оваа сезона и да поднесам неотповиклива оставка. Би сакал да им се заблагодарам на оние што му помагаа на нашиот клуб сите овие години, на претседателот на клубот и на сите членови на Управниот одбор, на сите луѓе од работната заедница на клубот, како и на сите спонзори. Многу сум им благодарен на сите играчи кои беа со нас во овие четири и пол години, на членовите на мојот тренерски штаб (многупати сум нагласил, најдоброто што го имав) и секако, голема благодарност до сите навивачи на Партизан! Ви благодарам за безусловната поддршка, почит и љубов што ми ја дававте сите овие години во секоја пригода! Секогаш еден од вас, вечно благодарен! Жељко Обрадовиќ, гласи пораката на легендарниот тренер.
Инаку, тој ја донесе одлуката еден ден по тешкиот пораз од Панатинаикос во Атина, а „црно-белите“ се многу лоши во Евролигата и се наоѓаат во долниот дел од табелата. Жељко се врати во Белград во 2021 година со желба да ја освои јубилејната 10. титула во Евролигата со својот омилен клуб, но не успеа.
Неговото заминување предизвика голем шок низ цела Европа, а имињата на потенцијалните наследници веќе се појавија. Најблизу до преземање на клупата во Партизан се Андреа Тринкиери и Александар Саша Ѓорѓевиќ.
Жељко во текот на својата богата кариера ги водеше Партизан, Хувентуд, Реал, Тревизо, Панатинаикос, Фенербахче, но ова е првпат да го напушти тимот на средина од сезоната.











