Големиот пораз на Панатинаикос од тимот на Арис (102:95) во грчкото кошаркарско првенство го „стресе“ сопственикот на евролигашкиот гигант, Димитрис Јанакопулос, а по новиот пораз од Партизан во Евролигата, грчките медиуми повторно ја актуализираа темата за трансфер на Жељко Обрадовиќ на клупата на „зелените“.

Сопственикот на грчкиот гигант, Димитрис Јанакопулос, реагираше бурно и ги нападна и тренерите и играчите преку „Инстаграм“, велејќи им дека сите треба да поднесат оставка по враќањето во Атина, по поразот од Арис.

– Главни тренери, помошници тренери, немате поим каде играте, нели? Ова е Панатинаикос. Се надевам дека кога ќе се вратите во Атина, ако воопшто имате достоинство да се вратите, сите ќе поднесете оставка. И играчите исто така – порача разочараниот Јанакопулос.

По овие зборови, но и по поразот од Партизан, голем број грчки медиуми веднаш почнаа да шпекулираат за можни промени на клупата на Панатинаикос следната сезона, а во приказната се придружија и обложувалниците.

Според нивните процени, најголем фаворит да остане на клупата е Атаман со коефициент од 2,35, но веднаш зад него е Жељко Обрадовиќ со коефициент од 2,50!

Малку помали шанси му се даваат на Шарунас Јасикевичиус, чиј коефициент е 2,75, иако моментално има стабилен ангажман со Фенербахче.

Инаку, Обрадовиќ веќе го водеше Панатинаикос од 1999 до 2012 година и во тој период испиша златни страници во неговата историја. Со „зелените“ освои дури пет титули во Евролигата, 11 титули во грчкото првенство и седум национални купа, што го прави еден од најуспешните тренери во нивната историја.

Јасно е дека поразот против Арис не беше само спортски неуспех туку и повод за можни големи промени во еден од најголемите европски кошаркарски клубови.

 

ИЗДВОЕНИ