Еден од најтрофејните тренери во Евролигата, Жељко Обрадовиќ, во моментов е слободен, а неколку клуба покажуваат сериозен интерес за неговите услуги. Можеби, најреалното сценарио вели дека најблизу до негов потпис е грчкиот кошаркарски гигант, тимот на Панатинаикос.

Откако го напушти Партизан, кошаркарската јавност сè повеќе шпекулира за неговиот следен чекор. Иако рече дека нема да преземе ниту еден клуб до крајот на сезоната, повикот од Атина е нешто на што малкумина би му рекле „не“.

Клубот од Атина поминува низ турбулентен период, а резултатите не се совпаѓаат со инвестициите и со амбициите. Во таква ситуација, во Грција повторно се отвора прашањето за враќање на човекот што е симбол на најголемите успеси на „зелените“.

Ергин Атаман целосно ја загуби контролата врз тимот, кој е во сериозна летаргија. Нешто слично како Обрадовиќ со Партизан. Атаман објави дека ќе си замине од тимот доколку не ја освои Евролигата или грчкото првенство.

  • Имам голема доверба во моите играчи и во мојот тим. Би сакал да предложам еден многу важен предизвик. Знаете дека имам уште една година гарантиран договор со овој клуб. Ако не ја освоиме Евролигата или ако не го освоиме грчкото првенство, ќе ја напуштам Атина. Тоа е сè – порача Атаман.

Инаку, Обрадовиќ освои пет титули европски шампиони со Панатинаикос и остави неизбришлива трага, поради што навивачите сè уште го гледаат како природно решение во моменти на криза. Фактот дека е слободен тренер дополнително ја подгрева ситуацијата. Познато е дека Панатинаикос, кога сака да се врати на врвот од Европа, честопати посегнува по големи имиња, а во европската кошарка нема поголемо име од она на српскиот стручњак.

Доколку дојде до тоа, Обрадовиќ во иднина би го тренирал македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс, кој оваа сезона пристигна во Атина како големо засилување од редовите на Париз, каде што беше најдобар поединец во текот на минатата сезона.

 

ИЗДВОЕНИ