Неодамна, силната летна бура што опустоши делови од Јадранското Море, а особено Сплит и околината, предизвика непроценлива материјална штета и во тамошната марина, сплитското пристаниште. Во таа природна несреќа, за жал, се најде и сè уште популарниот некогашен пејач на „Бијело дугме“, Жељко Бебек. Едвај остана жив. Не беше сам, туку со сопругата Ружица, на нивната јахта-хотел „Пахуљица“. Оваа јахта е голем луксуз. Бебек и Ружица живеат во неа во текот на летото, како во вистински стан. Кога тргна да беснее силниот ветер, закотвените јахти и бродови почнаа да се кршат. Хорор-глетка, која ги присили сите да се спасуваат како знаат и умеат. Со нив и Бебек.
Некоја неопишана луда среќа го спаси пејачот од трагедија. Самиот не знае да објасни како остана жив? Неговата јахта се преврти, се скрши на половина и потоа потона во морето. Материјалната штета е огромна, се проценува на 200 илјади евра.
– Добро е, останавме живи. Немам видено вакво нешто во својот живот. За десетина минути сè се претвори во пекол. Како да одлетавме на некоја друга планета. Јарболот од соседната едрилица, закотвена до нашата јахта, сосема се наведна над нас додека бевме внатре, пиејќи го утринското кафе – вели сè уште исплашениот Бебек со треперлив глас.
Природата е моќна и непобедлива. Бог ни испрати порака да не Го лутиме. Мораме да Му бидеме благодарни за сè. Најмногу за здравјето. Но и неговата сопруга, Ружица, е многу исплашена.
– Само се молев Бог да нè погледа двајцата. Така и бидна. Останавме живи. За материјалното не жалам, ќе се обнови, ќе се купи нова јахта – вели убавата Ружица. (Д. М.) фото: архива