Бугарија нема да поставува нови услови за Македонија и нема да го претвори евроинтегративниот процес во билатерално прашање, истакнал бугарскиот премиер Росен Жељазков, по средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Брисел. Како што соопштија од Кабинетот на Жељазков, бугарскиот премиер потенцирал дека имплементацијата на компромисот од 2022 година – вклучително уставните измени со впишување на бугарската заедница – останува неопходен предуслов за почеток на преговорите.
-Нашиот став е во целосна согласност со декларацијата на бугарското Собрание од мај, која нуди доволни гаранции за С. Македонија – дека нема да има дополнителни услови, туку процесот ќе се третира како однос меѓу ЕУ и РСМ, го пренесе БГНЕС ставот на Желјазков.
Тој додаде дека фокусот треба да остане на правата на Бугарите во Македонија, а не на теми како јазикот или идентитетот, кои според него само го одвлекуваат вниманието од главното прашање за заштита на човековите права на Бугарите во Македонија.
-Како земја-членка на ЕУ ќе останеме воздржани во однос на провокациите од Скопје, кои можеби се поврзани со претстојните избори. Го замолив Кошта да им обрне внимание на колегите од РСМ дека говорот на омраза не помага во овој процес, вклучително и во заемниот дијалог меѓу двете земји, кој треба да се базира на Договорот за добрососедство, рече бугарскиот премиер.
Според Жељазков, од Кошта добил уверување дека Советот строго ќе се придржува до компромисот од 2022 година.