На оваа ретроспектива се изложени преку 300 фотографии, неколку објекти – симболи на христијанството, како и плотер-принтови со актуелните случувања од секојдневието со акцент на блиски теми од опкружувањето. Студиозно пристапивме кон овој проект, чинам две и пол години заеднички го подготвувавме, а неговата реализација сега е претставена пред целокупната јавност“, посочува кураторот на изложбата, виш кустос Маја Крстева
Во Чифте-амам се изложени делата на еминентната македонска уметница Жанета Вангели, претставени во рамките на нејзината изложба насловена „Архив II, 1985 –2025: Епифанија“. Овој проект на Националната галерија на Македонија е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, куратор е виш кустос Маја Крстевска, а стручен соработник, кустос Горанчо Ѓорѓиевски.
„Оваа изложба на професорката Жанета Вангели е продолжение на претходната од 2017 година која беше поставена во Музејот на Современа уметност. Сега авторката го заокружува четиридеценискиот творечки опус од 1985 до 2025 година. Таа е редовен професор на катедрата по сликарство и мултидисциплинарни студии на Факултетот за ликовна уметност од 2008 г. Можам да забележам дека таа е пред сѐ уметница која преку фотографијата, преку дигиталната технологија, медија принтови, плотер-принтови, објекти, инсталација во просторот и видеоматеријали, ја претставува својата архивска граѓа… На оваа ретроспектива се изложени преку 300 фотографии, неколку објекти – симболи на христијанството, како и плотер-принтови со актуелните случувања од секојдневието со акцент на блиски теми од опкружувањето. Студиозно пристапивме кон овој проект, чинам две и пол години заеднички го подготвувавме, а неговата реализација сега е претставена пред целокупната јавност“, посочува Крстева.
Инаку, според историчарката на уметност Натали Рајчиновска-Павлеска, Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите па до денес, навестувајќи ги атиципациските текови на уметноста со моќен, интуитивен, директен, продорен, семантички конципиран и длабоко конотиран авторски израз.
„Внесувајќи нови и радикални промени во визуелниот хоризонт на овие простори, со ова ретроспективно претставување, таа одново го актуализира прашањето за релевантноста на ликовниот говор низ тропите на современата уметничка агора… Како резиме на творештвото од четири декади, проектот „Архив II, 1985–2025: Епифанија“ ги претставува ликовните настојувања во континуитет на креативниот процес, осветлувајќи ја естетската линија во поширокиот ликовно-естетски, културно-антрополошки и општествено-политички контекст. Архивската граѓа на Вангели произлегува од дијалогот меѓу она што значи изјава [statement] и коментар [comment], надворешност [exterior] и внатрешност [interior], рефлексивност [reflectiveness] и самокритичност [self-criticism], останување и опстојување во сопственото (ликовно и творечко) настојување. Водена од внатрешната неопходност, творечкиот импулс и слоевито манифестирана духовност, низ вкупниот творечки опус, Вангели проникнува во срцевината на уметничкото обликување, поетички меандрирајќи низ трансеквивалентноста на ликовниот и философскиот израз“, посочува Рајчиновска-Павлеска.
Жанета Вангели е родена во Битола, (1963). Дипломирала на Државниот факултет за ликовни уметности – Штеделшуле во Франкфурт/Мајна во 1988 година. До 2008 година работи како независна уметница,а од 2008 работи како професор на катедрата за сликарство и трансмедиумски практики на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Вангели е мултимедијална уметница која реализирала самостојни изложби во Скопје, Битола, Белград, Франкфурт/Мајна, Келн, Њујорк, Стокхолм, Аделаид и Хангжу. Таа учествувала на многубројни групни изложби и филмски фестивали. Нејзините дела се дел од приватни и јавни колекции, во државата и пошироко.
Изложбата ќе биде отворена до 16 септември. (Д.Т.)