Сезоната на скијачки скокови е во тек и сите со нетрпение ги очекуваат натпреварувачите на Планица, една од најголемите скијачки скокалници во светот. Сепак, веќе овој викенд, имаше голема материјална штета на Словенечкиот национален нордиски центар.
Имено, во саботата попладне, помеѓу 16 и 17 часот, непознат возач возел и „беснеел“ по снегот во долниот дел на скокалницата. Притоа, го оштетил тревниот тепих и долната структура на скокалните патеки.
Спорниот автомобил е со странска регистарска табличка (регистриран во една од земјите на поранешна Југославија) по кој полицијата во Крањ сè уште трага. Неговото возење е снимено од безбедносни камери, а словенечките власти предупредуваат дека таков инцидент нема да помине неказнето бидејќи вакви сцени се случуваат речиси секоја година.
- Секоја година се соочуваме со истата тажна приказна. Тревниот тепих под снегот е оштетен, слично на она што се случува на фудбалско игралиште. Ова е исклучително чувствителна тревна површина, која поради неповолни услови сè уште не е замрзната, па штетата е, според првичните процени, огромна, се вели во соопштението од Нордискиот центар Планица, кој привлече големо внимание во Словенија бидејќи е еден од најважните центри во земјата.
Според тамошните медиуми се прават обиди штетата да се санира со нов слој снег, додека конечна проценка на штетата ќе може да дојде дури напролет.
По Светското првенство во Планица пред две години, Нордискиот центар беше реконструиран, па тревните теписи и долните конструкции на скокалните патеки беа целосно реновирани, но очигледно дека се е залудно.
- Секоја нерамнина може да претставува сериозна опасност за скокачите, па затоа ќе мора да го правиме тоа повторно напролет. Многу сме тажни поради ваквите работи и, во иднина, нема да ги толерираме на никаков начин. Секое такво однесување ќе биде пријавено кај надлежните органи. Ве молиме и апелираме до сите посетители да се воздржат од вакви постапки и на тој начин да ни помогнат да ја одржиме Планица безбедна, убава и почитувана, објавија од Планица потсетувајќи дека секоја година имаат два или три вакви и слични инциденти поради „диви“ возачи.
Планица е една од најатрактивните скокалници и најголемата по Викерсунд, Норвешка, а интересно е што оваа година, Домен Превц постави светски рекорд на неа. Словенечкиот херој „прелета“ дури 254,5 метри, со што го надмина рекордот на Стефан Крафт од Викерсунд, во чии раце беше осум години.











