Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, повикува за хуманост и солидарност, односно ги повикува граѓаните да се јават за згрижувачи на децата што немаат сопствено семејство и да ги отворат своите срце и дом.
– Кога не може да растат децата со сопственото семејство, потребно им е нешто повеќе од покрив над главата, потребно им е згрижувачко семејство што ќе им понуди љубов, сигурност и поддршка. Згрижувањето не е само обезбедување дом. Тоа е можност да му подарите на едно дете безбедна и топла средина, каде што ќе се чувствува сакано, заштитено и прифатено. Во згрижувачко семејство, детето добива шанса за емоционална стабилност, нормално детство, подобро образование и за развој на важните животни вештини, далеку од институционалната грижа – истакна Јанчев.
Тој додава дека со секое згрижено дете се гради похумано и посолидарно општество, кое се грижи за своите најранливи членови.
Инаку, како згрижувач може да се јави полнолетно лице што е во добра општа здравствена состојба како и неговото семејството, кое има позитивна процена од Центарот за поддршка на згрижувачкото семејство, да има стабилни приходи во последните три месеци, над минималниот гарантиран приход, да има уреден и функционален дом со соодветни услови за живеење, да биде подготвено за обука и соработка со стручните служби.
Од Општината велат дека, како згрижувач, добивате можност да направите вистинска разлика во животот на едно дете, континуирана стручна поддршка и обуки, како и финансиска поддршка согласно со Законот за социјална заштита.
Сите заинтересирани може да добијат повеќе информации за згрижување и за висината на месечниот надоместок на телефонскиот број 075 277-477 или на https://zgrizuvanje.mk/.












