– Живеевме во строгиот центар на градот, приближно во дворот на гимназијата „Јосип Броз Тито“, на улицата „Луј Пастер“. Јули, како многу години наназад, беше пеколен. Во сеќавање ми е залезот на сонцето во четвртокот, на 25. … западот беше крвавоцрвен, а беше топло кој знае колку Целзиусови степени. Не се спиеше до долго во ноќта и кога дојде утринската свежина, дојде и стравотниот потрес, кој за нецела минута, а и следниот, уште покатастрофален, однесе 1.067 животи и остави над 3.000 скопјани со трајни последици. Врз нашата куќичка, поточно во нејзиниот двор, се најде четирикатница, во чии урнатини беа настраданите жители, многу од нив дојдени од одмор и тука заврши нивниот животен циклус. На многумина не им беше јасно што се случи… многумина тврдеа дека тоа е крај, атомска војна – раскажува Мојсо Мојсовски, поранешен новинар. Тој продолжи, раскажувајќи дека кога се спуштил правот од уривањето, пред нивните очи се појавила стравотна слика, небаре дошла апокалипса

Како што минуваат годините, сè почесто може да се слушне, како вчера да беше… се разбира, со многу подзаборавени детали. Како што наближува годишнината од скопскиот земјотрес што го срамни нашиот главен град со земја, на генерации скопјани пред очи им доаѓаат сликите од тоа утро, кога точно во 5 часот и 17 минути тресењето со силните татнежи го „голтна“ Скопје. Зградите се уриваа како кули од картон. Други се нишаа како јасики на силен ветар и се проштаваа од некои свои делови. Паѓаа катови, покриви, агли, партали… од нив. Градот умре за само десетина секунди, и тоа со чудна смрт – стоејќи!

По првиот удар со таква силина, дојде и вториот, а по него се заредија стотина други со помал интензитет. Стручњаците потврдија со својот убедлив јазик дека интензитетот на земјотресот бил таков што ги надминал и нивните апарати и нивните знаења за земјотресите. Потврдено е дека скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година имал јачина од 8 до 9 степени според Меркалиевата скала, дека макросеизмичкиот центар се наоѓал во самиот центар на градот, меѓу улицата „Маршал Тито“, реката Вардар, улицата „Ленинова“ и железничката пруга, на површина од околу два квадратни километра.

Токму земјотресот од 26 јули 1963 година зазема посебно место на тажните страници на хрониката на катастрофите на Скопје. И по 62 години, тоа морничаво утро што зеде многу најмили на скопјани, кога едни останаа под урнатините, а други – трајни инвалиди, сè уште е врежано во меморијата на граѓаните што го преживеаја земјотресот.

– Живевме во строгиот центар на градот, приближно во дворот на гимназијата „Јосип Броз Тито“, на улицата „Луј Пастер“. Јули, како многу години наназад, беше пеколен. Во сеќавање ми е залезот на сонцето во четвртокот, на 25. … западот беше крвавоцрвен, а беше топло кој знае колку Целзиусови степени. Не се спиеше до долго во ноќта и кога дојде утринската свежина, дојде и стравотниот потрес, кој за нецела минута, а и следниот, уште покатастрофален, однесе 1.067 животи и остави над 3.000 скопјани со трајни последици. Врз нашата куќичка, поточно во нејзиниот двор, се најде четирикатница во чии урнатини беа настраданите жители, многу од нив дојдени од одмор и тука заврши нивниот животен циклус. На многумина не им беше јасно што се случи. Многумина тврдеа дека тоа е крај, атомска војна – раскажува Мојсо Мојсовски, поранешен новинар.

Во куќичката во центарот на градот, Мојсовски бил заедно со своите татко, мајка и сестра.

– Во првиот момент не знаевме што се случува. Јас се најдов под креветот, каде што имаше тегли со мармалад од кајсии, кои, најверојатно, ги имаше складирано мајка ми. Тогаш имав 14 години – се сеќава Мојсо.

Додека бил под креветот, исплашен, како што наведува, неговите татко и мајка во спалната се расправале околу тоа што се случува, дали се работи за атомска војна или е нешто друго. Кога сфатиле што се случува, излегле сите од споредната врата во кујната и така се спасиле. Останале неповредени, а останала и нивната куќа. Но, за тоа, пак, како што вели, меѓу луѓето од соседната зграда што се урнала во нивниот двор имало и мртви, додека другите што останале живи – доживеале голем шок и траума.

– Се сеќавам, имаше една тетка Тања, токму од таа зграда, која ги спростирала алиштата и која не знаеше како дошла во нашиот двор, ниту, пак, знаеше дали е жив нејзиниот маж, кој останал во зградата – ги сподели Мојсо страшните моменти од катастрофалниот земјотрес.   

Тој продолжи, раскажувајќи дека кога се спуштил правот од уривањето, пред нивните очи се појавила стравотна слика, небаре дошла апокалипса.

– Но, тоа не беше крајот на градот, следуваше борба за преживеаните, за повредените, за евакуација на децата и на жените. Граѓаните од првиот момент покажаа дораснатост и подготвеност за ваква несакана катастрофа. А, светот од првиот момент покажа неверојатна солидарност и почна да испраќа помош од најразличен вид: шатори, облека, храна, пари, монтажни објекти… Набргу ќе дојдеа поинакви временски услови и требаше да се мисли за натаму. Скопје мораше да живее, да не застане… судбината си е судбина, не се може против неа – вели Мојсо.

Тој додава дека не се заборава светската солидарност со неизмерна големина и топлина.

– Кога знаеш дека не си сам, малку е полесно и сè може да се издржи. Пред очи ми е сликата од брегот на реката Вардар кај Влае, каде што беа, една до друга, двете најголеми, односно најсилни држави, Америка и СССР, со механизација со која се чистеа урнатините во градот. Имаше механизација на разни европски армии. Да не ја заборавам ЈНА која од првиот момент дојде на помош на градот. Имаше вести по европските средства за информирање дека наводно со денови нашата армија чекала наредба од Тито, што беше манипулација без преседан. А, Тито, заедно со Хрушчов, веднаш по веста за катастрофата, дојде меѓу скопјани – ги пренесува Мојсовски сликата и значењето на солидарноста при катастрофите.

Градот, набргу по катастрофата, организирал средби на солидарноста со учество на светски познати личности, кои дошле на Балканот, да му докажат на светот дека е жив градот и дека му е полесно заедно со нив.

Но, Скопје, кое беше на колена тогаш, никогаш не се предаде. Успеа повторно да се дигне од под урнатините и пепелта, како феникс, да се развие во метропола што претендира да е рамо до рамо со другите европски метрополи и да стане град на солидарноста, поддавајќи ја својата рака за помош секаде каде што е потребно.

Не може до ден-денеска да се заборави дека тоа утро под урнатините останаа 10.000 граѓани, од кои 1.070 никогаш повеќе не го видоа своето Скопје. Од потресот беа урнати 15.800 стана, а оштетени – 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без покрив над главата.

И стрелките на часовникот на Музејот на Град Скопје кај Старата железничката станица во Скопје застанаа на 5 часот и 17 минути за немо да сведочат за стравотната несреќа, која остави лузни, пустош и тага зад себе.

Токму затоа, на овој ден, секоја година во чест и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, во градот се организираат повеќе настани.

Под мотото „За Скопје со љубов, дарувај крв, биди хуман“, денеска од 9:00 до 17:00 часот Црвениот крст на Град Скопје, во соработка со Општинската организација на Црвениот крст – Кисела Вода и со поддршка од ИТМ, во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“ ја организира традиционалната крводарителска акција.

Утре во 10:00 часот, на Градските гробишта Бутел ќе бидат положени свежи цвеќиња пред Споменикот на загинатите во земјотресот. Вечета во 20:00 часот, во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“. Поставката ќе биде од траен карактер и ќе биде достапна за секој посетител на Музејот.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ