Зголемувањето на минималецот во рацете на пратениците

Зголемувањето на минималецот е во рацете на пратениците. Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека и покрај тоа што се распишани изборите, предлог за измени на Законот за минимална плата може да се донесе, а Законот да почне да се применува по изборите. Но, премиерот Христијан Мицкоски смета дека без договор меѓу синдикатите и работодавците, не може да се донесе нов закон, особено не сега, кога сме во предизборен период. Според него, минималната плата може да биде 1.000 евра наместо сегашните 500, но ова прашање треба да се решава со дебата на Економско-социјалниот совет

560

Битката за минималец од 500 евра продолжува. Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека и покрај тоа што се распишани изборите, предлог за измени на Законот за минимална плата може да се донесе, а Законот да почне да се применува по изборите. Ова, како што велат, не важи за колективните договори, кои не смеат да се потпишуваат по распишување на изборите, затоа што може да се сфатат како предизборен поткуп. Од ССМ велат дека барањето на работниците за раст на минималната плата во Македонија е оправдано според сите факти и споредби, затоа што минималната плата во Македонија е најниска во споредба со минималната плата во регионот и во ЕУ.

– По распишување на изборите, не смеат да се потпишуваат колективни договори или какви било акти што предвидуваат зголемување на плата или додатоци на плата. Синдикатот се противи на ваквата практика, бидејќи на минатите избори имавме случаи кога не се исплаќаа додатоци на плати со колективните договори потпишани пред четири години. Дури имавме случаи кога работниците не добиваа додатоци за прекувремена работа, работа во недела и на празник, кои беа предвидени со Законот за работни односи. Согласно со упатството на Државната комисија за спречување на корупцијата, тоа не се редовни исплати на плати и откога ќе се распишат изборите, може да исплаќаат само платите без додатоци – изјави за весникот ВЕЧЕР Трпе Деановски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Што се однесува до предлогот на ССМ за зголемување на минималецот на 500 евра, според него, не постојат никакви пречки за тоа.

– Зголемувањето на минималецот е во рацете на пратениците и доколку сакаат да го изгласаат предлог за измени на Законот за минимална плата, може да го направат тоа веднаш. Измените на Законот може да се донесат сега, а примената на Законот да почне по изборите, со одложено дејство – појаснува Деановски.

Инаку, синдикатите сметаат дека покачувањето на платите нема да ја подгрее инфлацијата, како што тврдат работодавците, бидејќи практиката кај нас покажала дека инфлацијата предвреме го јаде зголемувањето на платите.

Ставот на Владата е дека за зголемување на минималната плата, мора да се земат предвид и други параметри и да не се дозволи зголемување на инфлацијата. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека без договор меѓу синдикатите и работодавците, не може да се донесе нов закон, особено во предизборен период.

– Јас би сакал сите работници да земаат не 500, туку 1.000 евра минимална плата, но теренот на кој треба да се договори тоа е Економско-социјалниот совет. Јас повикувам на дебата. Ова не е тема што се политизира, туку тема што треба да се дискутира во рамките на институциите. Не е ова тема за политички поени, „а ха, види го сега овој, овој е дарежлив, а овој не“. Не е ова таква тема, туку се седнува и се разговара. На последната седница на Економско-социјалниот совет видовме различни ставови кај работодавците и кај синдикатите, но не гледам непремостливи разлики. Во конструктивен разговор ќе се изнајде решение, кое ние, како Влада, ќе го почитуваме – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека Владата, како најголем работодавец, постигнала договор за раст на платите во образованието, здравството, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана… буквално во сите институции и повеќе нема таков, како што рече, со плата еднаква на минималната.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ