Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е прашање на кое мора да му се посвети особено внимание, а притоа да се земат предвид демографските показатели, животниот век и квалитетот на живот. Животниот век во земјава е понизок од светскиот просек и следствено на тоа, се скратува периодот на користење на пензијата, велат од пензиските друштва.
Тие се согласуваат дека прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање е болно прашање, но сметаат дека треба да се отвори широка дебата за него, во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни.
Во Македонија, во просек старосниот век е понизок од светскиот просек. Во таа смисла, треба добро да се размисли за оваа мерка, бидејќи е поврзана и со економскиот развој и со можноста на луѓето да ја користат пензијата. Сè додека е ваков животниот век на нашето население, пресметките укажуваат дека тоа не е многу поволна мерка за зголемување на старосната граница, бидејќи со тоа се скратува и периодот на користење на средствата. Но, тоа е прашање што треба да се следи и да се адаптира, смета Снежана Станковиќ од едно пензиско друштво.
На 20-годишнината од реформата во пензискиот систем, претставниците на пензиските друштва се согласуваат дека најболниот период од реформата е поминат и дека треба да се продолжи со неа.
Процените за населението забрзано се остваруваат. Првата процена беше дека околу 2050 година ќе бидеме од милион и деветстотини до два милиона жители, а денес, во 2025 година, сме еден милион и осумстотини жители. Најновата проценка е дека 2050 година ќе бидеме милион и пол. Сето тоа зборува за неодржливост на првиот пензиски столб, односно за недоволност на средства и обврска да продолжиме со реформите за развој на задолжителниот втор капитално финансиран пензиски столб и за третиот, кој има значајна улога за сигурни, стабилни и редовни пензии, вели Станковиќ.
На почетокот од пензиската реформа, се одвојуваа 21,4 проценти за првиот пензиски столб, од кои 7,42 проценти одеа за вториот пензиски столб, додека сега тој процент е намален и изнесува 18,5 проценти, од кои 6 проценти одат за вториот пензиски столб.
Една студија покажа дека за стабилни и одржливи пензии што ќе обезбедат ист квалитет на луѓето е доколку во текот на целиот работен век се одвојуваат средства од 7 до 10 проценти од бруто приходот на индивидуата. Тоа значи дека треба да се размислува или во насока на зголемување на делот во задолжителниот пензиски фонд или на започнување на плаќањето во доброволниот пензиски фонд, вели Весна Стојановска од друго пензиско друштво.
Пензиските друштва со порака до граѓаните дека пензиските столбови се сигурни и стабилни и со препорака да инвестираат во третиот доброволен пензиски столб.
Третиот пензиски фонд е доброволен и луѓето може да одвојуваат средства согласно со своите можности. Препораката е што порано да се штеди во третиот столб. За да имаме активна и квалитетна старост, треба да одвојуваме средства во третиот доброволен пензиски столб, вели Станковиќ.
Според податоците на МАПАС што ги изнесе директорот Ремзи Бајрами, во вториот пензиски столб има над 620 илјади члена и над 170 милијарди денари средства, а во третиот пензиски столб 35 илјади члена, а средствата се на ниво од 4,7 милијарди денари.
На 20-годишнината од реформата во пензискиот систем, пензиските друштва се со кампања „Засади желба за стабилна иднина“.