Договорот за минималната плата меѓу синдикатите и работодавците кој ќе биде постигнат на Економско-социјалниот совет, Владата ќе го поддржи Владата. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тој се согласува за зголемувањето на месечните примања на работниците, бидејќи како што вели и државата ќе има поголеми приходи во буџетот.
-Нашиот став во однос на минималната плата сме го кажале, ќе го повторам, нас како Влада ни одговара зголемување на минималната плата, бидејќи ќе имаме поголеми приходи во буџетот. Ние сме работодавач на 100.000 вработени, а државата има 705.000 вработени. Значи тие 600.000 ќе дојдат кај нас. Ако гледаме себично, тогаш можеме да кажеме од утре да се зголеми, но ние велиме ние сме Влада којашто во рамките на социјалниот дијалог посредува меѓу работодавачите и работниците. Така што секој договор што тие ќе го постигнат си стоиме на ставот дека ние како Влада ќе го поддржиме. Така што тука не би имал многу што да додадам, рече Мицкоски.
Во делот на статистиката, додаде премиерот, Евростат е единствена релевантна институција во Европа којашто вели дека потрошувачката кошница во земјава е најниска во Европа. Истакна дека ако ја споредиме со потрошувачките кошници во регионот е далеку пониска, на пример со Албанија, со Бугарија, со Грција, со Србија итн. или ако некој европски просек е 100, потрошувачката кошница кај нас е на ниво под 75.
Мицкоски посочи и дека Евростат има објавено за првата половина на годината куповната моќ на минималната плата колкава е, анализирани се 27 земји во Европа кои имаат имплементирано минимална плата.
-Ние се наоѓаме на средината и сме далеку поконкурентни од Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Албанија итн, и сме рамо до рамо со Грција. И единствена земја која споредено со прва половина 2025 со прва половина 2024, куповна моќ на минимална плата има зголемување. Кај сите има или стагнација, или намалување. Ќе се појават коментатори на социјални мрежи кои што ќе го исмејуваат ова што го кажувам, но тоа се факти што ги објавува Евростат. Имаме избор, дали да веруваме на Тевдовски, Поповски и Јовановиќ, министри во владата на СДСМ за финансии кои ја прават минималната потрошувачка кошница, или на Евростат. Граѓаните треба да изберат на кого ќе веруваат, јас само ги цитирам Евростат и јас верувам на Евростат, кажа Мицкоски.












