понеделник, март 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Зголемување далеку под очекувањата, минималецот наместо на 36, ќе се зголеми на...

Зголемување далеку под очекувањата, минималецот наместо на 36, ќе се зголеми на 26 илјади денари

119

Минималната плата во март ќе се зголеми само за 1.667 денари, односно од април ќе изнесува 26.046 денари во нето-износ. Тоа значи дека нема ништо од зголемување на минималната плата на 600 евра како што бараа синдикатите. Ова беше причина за напуштање на  седницата од претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, и за најава на протести во текот на март.

Минималната плата ќе се зголеми за 1.667 денари во нето-износ, согласно со законското усогласување што се прави во март. Тоа значи дека работниците во април ќе земат зголемена минимална плата за овој износ или поточно 26.046 денари во нето-износ, изјави министерот за економија, Бесар Дурмиши. Тој посочи дека секоја година во март се врши усогласување на минималната плата врз основа на јасно утврдена формула, и тоа 50 отсто врз основа на просечно исплатената нето-плата и 50 отсто врз основа на индексот на трошоците за живот, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

– Според објавените податоци за претходната година, просечно исплатената нето-плата бележи раст од 9,6 отсто, додека индексот на трошоците за живот изнесуваше 4,1 отсто – рече Дурмиши.

Применувајќи ја законската формула, тој додаде дека се добиваат 4,8 проценти од порастот на платите и 2,05 од порастот на трошоците на живот, односно вкупното усогласување на минималната плата е 6,86 отсто.

– Со ова усогласување, минималната плата што во 2025 година изнесуваше 36.037 денари во бруто-износ, за 2026 година ќе изнесува 38.507 денари во бруто-износ, односно 26.046 денари нето. Тоа претставува зголемување за 2.470 денари во бруто-износ, односно 1.660 денари во нето-износ, во однос на претходната година – рече Дурмиши.

Тој додаде дека ова усогласување е системски утврдено законско решение што обезбедува раст на минималната плата, согласно со економските движења, штитејќи го животниот стандард на работниците, но истовремено водејќи сметка за одржливоста на економијата.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека Владата досега регулирала 95 проценти од односите со синдикатите преку колективни договори со рок на реализација до 2028 година, нагласувајќи дека не презема обврски што би важеле по истекот на мандатот.

– Се однесуваме одговорно во рамките на мандатот што сме го добиле од граѓаните и не преземаме обврски за периодот по 2028 година – изјави премиерот, додавајќи дека актуелната Влада има обврска да ги решава, како што рече, наталожените проблеми од минатото.

Тој потсети дека во изминатиот период бил постигнат договор со синдикатите УПОЗ и САДУ за повисоки плати во администрацијата, а во процесот биле вклучени и други синдикални организации што првично не учествувале во преговорите.

Премиерот изрази очекување дека ќе продолжи и ќе се интензивира бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците, нагласувајќи дека институционалниот дијалог е единствен начин за изнаоѓање конструктивни решенија.

– Постојат вонинституционални механизми, но искуството покажува дека решенијата се носат во рамките на институциите – порача Мицкоски, додавајќи дека Владата останува отворена за соработка во рамките на своите надлежности.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, преку социјалните мрежи обвини дека Владата, работодавците и другите синдикати застанале на иста страна, против реално зголемување на примањата на работниците. Според него, имало обид да се протурка законското усогласување на минималната плата без суштинска дебата за реалните потреби на работниците.

– Денеска, на мала врата пробаа да утврдат усогласување на минималната плата за околу 1.600, во што ССМ нема мандат да учествува и ја напушти седницата на ЕСС. Жалосно е тоа што Владата, работодавците и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми. За жал, борбата продолжува повторно на улица, на средината од март – објави Трендафилов на „Фејсбук“.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ