Во 2025 година посетеноста на трите спомен-куќи во Велес, на Коста Солев Рацин, како и на Васил Главинов и Јордан Хаџи Константинов Џинот е околу 4 500 посетители, што е повеќе за илјада посетители споредено со 2024 кога биле околу 3 500.
Најголема посетеност, како и во изминатите години има Спомен-куќата на поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Изминатата година се повеќе се зголемувал и интересот и за останатите две спомен-куќи, на Васил Главинов и Јордан Хаџи Константинов Џинот, сите сместени во високиот стар дел од Велес.
Како што информираат за МИА од Народен музеј Велес, во овие бројки не се вклучени посетите на припадниците на АРМ од велешкиот гарнизон и нивните делегации, со кои Музејот има склучено меморандум за соработка, што дополнително подразбира уште најмалку стотина посетители.
Значаен придонес кон зголемената посетеност имала и соработката со основните и средните училишта од Велес и од други градови во земјава.
Во Спомен-куќите се организираа едукативни, како и грнчарски работилници поврзани со културното наследство, наменети за различни возрасни групи, како дел од едукативната мисија.
Од Народниот музеј најавуваат дека оваа практика ќе продолжи и наредниот период, се со цел дополнително приближување на културното наследство до јавноста.
Спомен-куќите можат да се посетат со претходна најава од еден или два дена во Народниот музеј на броевите: 075 298 957 и 043 231 434 или на е пошта:[email protected], при што посетата се организира со кустос кој ја води разгледувачката тура.












