Второнаградената на „Валандово фолк-фест 2025“ умее да ужива!
Велат дека времето на пејачката Василија Петрова допрва доаѓа. Родена е во Бугарија, каде што живее, но во однос на националноста се изјаснува како Македонка. Бугарите одат дури дотаму што строго ѝ забележуваат дека би требало да го пишува своето име Василија без буквата „ј“.
Сепак, таа нема да го направи тоа, затоа што името ѝ е македонско, а не бугарско. Згодната Василија, сепак, не е оптоварена веќе и не се заморува со оние работи што немаат врска со пеењето и со естрадата. Неодамна, заедно со колегата Благоја Грујовски, на „Фолк-фест Валандово 2025“, го освои второто место со песната „Што си ветивме“, а публиката беше воодушевена од нејзиниот настап на фестивалската сцена. И на познатиот бугарски фестивал „Пирин фолк“ во градот Сандански таа освои пет награди со песната „Жетварка“. Се прослави и со атрактивното учество во големото финале на музичкото талент шоу „Нови и млади“. Речиси да нема слободен викенд поради честите настапи, како дома така и во дијаспората.
Завчера имаше бисерен настап на хуманитарен концерт што се одржа во Мајнц, Германија, а во организација на МПЦ-ОА. Паричните средства од тој концерт се наменети за настраданите во Кочани и за нивните семејства. Така што Василија е и голем хуманитарец, секогаш е тука да помогне колку што може.
Доколку е слободна и не пее, во овие жешки летни денови е некаде покрај вода, на некоја езерска или морска плажа. Па така, деновиве папараците ја начекаа во секси црвен костим за капење, без шминка, во сосема лежерно издание. Штом излезе од вода, се облече, исто така, секси – во бело фустанче. Згодна е и во едното и во другото модно издание. Па ете зошто, можеби, ѝ завидуваат Бугарите. И од љубомора пишуваат провокативни текстови за неа. Поедноставно кажано, сè што е убаво, и на Господа му е мило. (Д. М.)