Земјотрес во СДСМ – Костадинов против своите ќе се бори за Струмица

Објавата на новите кандидати за градоначалници од страна на СДСМ не само што предизвика критики од владејачката ВМРО-ДПМНЕ туку и сериозни внатрепартиски потреси. Најгласен беше градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој откако не се најде на листата реши да го замрзне членството во партијата и најави ново политичко дејствување. Тој јавно ја обвини СДСМ за безидејност и посака барем една победа на локалните избори. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги нападна новите кандидати, нарекувајќи ги „кадри на Заев и Филипче“ и „симболи на неспособност и уцена“. Премиерот Мицкоски им посака „успешна кампања и сигурен пораз“ и најави преговори со други партии за проширување на коалицијата. Опозицијата се соочува со сериозен предизвик да остане обединета во пресрет на изборната трка што допрва се вжештува

3021

Последната објава на нови кандидати за градоначалници од страна на СДСМ предизвика реакции кај власта, но и силни внатрепартиски потреси во опозициската партијата. Најмногу внимание предизвика фактот што на листата изостана името на актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, кој по ваквиот потег реши да го замрзне членството во СДСМ и најави почеток на ново интерпартиско дејствување. Тој отворено ја критикуваше состојбата во партијата, посакувајќи ѝ на СДСМ „барем една победа“ на претстојните локални избори. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваше новите имиња на СДСМ, нарекувајќи ги „кадри на Заев и Филипче“ и „симболи на неспособност и уцена“. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, им посака „успешна кампања и сигурен пораз“ на објавените кандидати. Тој за денеска најави и консултации со ЗНАМ – За наша Македонија, за евентуална соработка и додаде дека в недела ќе заседава Извршниот комитет на партијата на кој ќе биде пренесено тоа што се разговарало.

-Утре ќе имаме првична средба со политичката партија ЗНАМ за да видиме кои се очекувањата, а што се однесува до кандидатите за градоначалници од СДСМ им посакувам успешна кампања и сигурен пораз на следните локални избори. Продолжуваат и разговорите со политичките партии од внатрешната коалиција, па ќе се отпочнат консултации со политички партии кои сакат да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, така што имаме еден систематизиран пристап на активностите. Кога ќе имаме повеќе информации ќе ја информираме јавноста околу коалициите кои би се случиле за изборите, изјави денеска премиерот Мицкоски.

По утрешната средба меѓу владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се очекува да се официјализира договорот за заемна поддршка на локалните избори уште во првиот изборен круг, а таков договор ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе има и со коалициониот партнер од албанскиот политички блок, Вреди. Тоа би значело дека за прв пат најголемата македонска партија, на претстојните локални избори нема да има кандидати за градоначалници во големите општини со мнозинско албанско население.

Претходно, лидерот на опозициската СДСМ објави 11 нови имиња на каднидати за градоначалници на партијата за претстојните локални избори, од кои речиси половината се претседатели на општинските организации.

Во Карбинци кандидат за градоначалник ќе биде Љупка Соколовска, во Василево ќе биде Ванчо Новоселски, во Сопиште кандидат ќе биде Звонко Васев (претседател на општинска организација на СДСМ Сопиште), во Јегуновце ќе биде Дарко Блажевски (поранешен градоначалник во периодот од 2017 до 2021 година), Охрид ќе биде д-р Асен Шајн (претседател на ОО СДСМ Охрид), во Општина Демир Хисар – Златко Кузмановски (претседател на ОО СДСМ Демир Хисар), во Струмица ќе биде Марјан Даскаловски (претседател на ОО СДСМ Струмица), во Општина Дебрца кандидат ќе биде Љупчо Паунковски (претседател на ОО СДСМ Дебрца).

-Во следните две недели, верувам дека околу две третини од кандидатите за градоначалници ќе бидат потврдени од Извршниот одбор. Очекувам ова да биде процес кој ќе значи сплотување а не поделба на партијата, рече Филипче.

Во служба на партијата

Прашан зошто актуелниот струмички градоначалник Костадин Костадинов нема да бара повторно доверба кај граѓаните, Филипче смета дека „актуелниот градоначалник на Струмица треба да се стави на располагање на партијата чесно, исто како што партијата била тука за него во изминатиот период“.

Филипче изјави дека процесот на селекција е резултат на анализа на резултатите од анкетите и разговори со членови на општинските организации.

–Секој од кандидатите е човек со интегритет, визија и силна посветеност кон развој на општината од која доаѓа – луѓе подготвени да се соочат со реалните проблеми на граѓаните и да понудат решенија кои носат конкретни резултати и подобар живот. Продолжуваме со транспарентен и темелен пристап при изборот и на останатите кандидати, затоа што наш приоритет се интересите на граѓаните –  да ги понудиме најдобрите кандидати за градоначалници со програма која ќе го подобри животот на граѓаните, порача Филипче.

Околу коалицирањето, Филипче нагласи дека потврдувањето и потпишувањето на коалициски договори ќе го остават за септември бидејќи, како што рече, верува дека разговорите со тие партии со кои сега формално не се во коалиција нема да завршат скоро. Потенцира дека разговараат со неколку политички партии. Прашан во врска со коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ во однос на Општина Кичево, Филипче нагласи дека е отворен да разговара за сите прашања кои ги засегаат граѓаните.

-Треба да ги надминеме и суетите и егото, бидејќи ние сме тука да им служиме на граѓаните, рече опозицискиот лидер, Венко Филипче.

По партиската одлука со која стана јасно дека нема да биде кандидат од редовите на СДСМ за нов мандат во овој град, актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, реши да го замрзне членството во СДСМ. Костадинов предупреди дека партијата е во тешка состојба, и посака да победи барем во една општина.

-Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам, за жал нема како… Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско дејствување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите… Мојата стратешко-политичка одлука за дејствување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. Дотогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина, напиша Костадинов на својот профил на социјалните мрежи.

ВМРО-ДПМНЕ: Со кадри на Заев и Филипче во сигурен пораз

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ со кадри на Заев и Филипче тргнува во сигурен пораз на локалните избори.

-СДС со кадри на Заев и Филипче тргнува во сигурен пораз на локалните избори. СДС со новите предлог-кандидати за градоначалници, само потврдува дека ништо не научиле. Наместо нови и вредни луѓе, тие повторно нудат истрошени фигури, проверени послушници на Заев и Филипче. Овие кандидати немаат ниту углед, ниту поддршка во своите општини. Граѓаните ги препознаваат како симболи на неспособност, корупција и партиска уцена. Таков е и примерот со Марјан Даскаловски кој е близок човек на Заев, познат по притисоци и закани врз граѓани. Даскаловски под насока на Заев во 2014 година, се заканувал со бркање од работа и гаснење на струја на ромски семејства ако не го дале гласот за СДС. Тоа се кадрите на СДС. Луѓе кои се закануваат јавно, сеат страв и го дестабилизираат општеството. Луѓето се можеби други, но матрицата им е иста, рече на прес-конференција пратеникот Јане Мицевски.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ досега објави вкупно 33 кандидати за градоначалници, а се прават анализи за уште 17 општини. За најатрактивната позиција – кандидат за градоначалник на Град Скопје, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во тесна трка се актуелниот градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кои веќе јавно искажаа афинитети за оваа функција. Според некои информации и ексградоначалникот Коце Трајановски покажал желба повторно да раководи со Градот.

Од СДСМ пак, ексминистерката за екологија, Каја Шукова, веќе има поднесено кандидатура, а се разговарало и со познатиот архитект Мишко Ралев, кој според партиски извори има најголеми шанси. Во истите кругови се лиферува и веста дека поголеми шанси од него би можел да има само ексградоначалникот на Карпош, Андреј Петров, а бројни се и поддржувачите на претходникот на Данела Арсовска, Петре Шилегов.

Од ЗНАМ, пак, потврдија дека лидерот на партијата, Максим Димитриевски, ќе претендира и за трет мандат за градоначалник на Куманово. Се шпекулира дека ЗНАМ ќе има кандидат за уште неколку општини како скопските Центар и Карпош и Старо Нагоричане.

Од Левица најавија кандидати градоначалници кои, како што велат, нема да бидат носители на партиски багаж и интереси, туку личности со интегритет и визија за јавниот интерес.

Кај партиите од албанскиот политички блок, повторно најголема ќе биде борбата за прв човек на Тетово, а по излегувањето на лидерот на Алијанса, Арбен Таравари од владината коалиција, се очекува неговото крило и „Европскиот фронт“ со заеднички сили да се борат за некои градоначалнички места, што значи дека, најверојатно, ќе треба да одат со неутрални кадри, кои ќе бидат поддржани и од поддржувачите на крилото на Таравари и од оние на „Европскиот фронт“. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ