Земјотрес со магнитуда 6,1 степени во Турција: 10 згради се урнати, се трага по исчезнати

1541
Фото: X/EMSC

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени го погоди градот Синдирги во западната покраина Баликешир вечерва, според Турската агенција за управување со катастрофи (AFAD).

Земјотресот, кој се случи во 19:53 часот, беше почувствуван во многу градови на западот од земјата, вклучувајќи ги Истанбул и Измир, наведоа властите, но засега нема информации за жртви.

„Сите екипи на AFAD и нашите надлежни институции веднаш започнаа со пребарување. Досега не се пријавени никакви несакани настани“, изјави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата X.

Десетина згради се урнаа во Синдиргија, епицентарот на земјотресот, објави градоначалникот Серкан Сак на турскиот приватен канал НТВ.

„Шест лица живееја во трикатна зграда што се урна. Четворица беа спасени од урнатините“, рече тој, додавајќи дека се работи на извлекување на преостанатите две лица.

„Зградите и џамиите се уништени, но немаме загуба на животи“, додаде тој за ситуацијата во неговиот град.

Според AFAD, по главниот земјотрес се случиле седум последователни потреси со јачина од 3,5 до 4,6 степени.

AFAD ги предупреди граѓаните да не влегуваат во оштетените згради. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им посака брзо закрепнување на сите погодени граѓани. „Нека Бог ја чува нашата земја од каква било катастрофа“, напиша тој на социјалната мрежа X.

Во земјотресот со јачина од 5,8 степени на почетокот на јуни во југозападна Турција, едно лице загина, а шеесет и девет беа повредени.

Турција е пресечена од неколку раседи кои досега предизвикале големи несреќи.

Југоистокот на таа земја беше погоден од силен земјотрес во февруари 2023 година, кога загинаа 53.000 луѓе, а Антакија – античкиот град Антиохија – беше уништен.

ИЗДВОЕНИ