Елизабета Олиманова е рурална жена, земјоделка од прилепското село Славеј. Се бори за поголемо производство, за подобар пласман, за здраво семејство. Вели, земјоделството го „лекувале“ многу, но со погрешна дијагноза. Потребни се сигурни цени, пласман и заслужено место во производството на храна.
– За жал, земјоделецот е тој што има најмалку корист од тоа што го произведува, а најголем ќар имаат трговците. Од државата бараме помош да има организирано производство и да има одредени претходно одредени цени за луѓето да знаат што да произведуваат. За да не се појавува вишок храна и да бидат задоволни и едните и другите – истакна Олиманова.
Жените земјоделки во земјава сè уште ги немаат добиено своите права. Од прилепската невладина организација „Лаг aгро лидер“ истакнуваат дека на жените земјоделки не им треба програма, туку пристап до права.
– Сè уште не се решени отсуството од работа и платеното породилно отсуство. Во земјава, преку земјоделските стопанства се регистрирани повеќе од 38.000 жени земјоделки. Имаше социјална програма, но потребен е пристап до права. Има системска дискриминација – велат од „Лаг агро лидер“.
Комисијата за заштита и спречување од дискриминација веќе донесе документ и решение дека станува збор за системска дискриминација со која жените земјоделки да не можат да обезбедат пристап до еднакви права како жените работнички во другите сектори.
– Се надевам дека политичарите ќе имаат вистинска волја и, ако не оваа година, догодина за меѓународниот ден на руралната жена, 15 октомври, да можеме, како држава да се пофалиме дека на овие жени, вклучени во земјоделскиот сектор, им се обезбедени правата за пристап до финансиска сигурност за грижа за дете, бременост и мајчинство – изјави за МИА Марина Тошеска, претседателка на невладината „Лаг агро лидер“ од Прилеп.












