Во организација на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, во селото Миравци, Гевгелиско, беше одбележан Меѓународниот ден на задругите. Домаќин беше земјоделската задруга „Петрушка Река“ од Миравци, најдобрата земјоделска задруга во Општина Гевгелија.
Оваа година се прослави 103. Меѓународен ден на задругите, под слоганот „Креирање инклузивни и одржливи решенија за подобар свет“, што иницира задругите во светот да покажат како придонесува задружниот начин на работа, инспириран од задружните вредности и принципи, за остварување на целите за одржлив развој, како и препознавање на значајниот придонес на задругите во глобалната економија и нивната улога во градењето на поодржлива иднина.
Присутните претставници на земјоделските задруги од регионот и пошироко најнапред ги поздрави Драги Памуков, претседател на Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ), потенцирајќи дека тие се единствената организација која од своето формирање, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, веќе 12 години по ред, во првата сабота од јули го организира Меѓународниот ден на задругите.
– Целта на организирањето на овој настан е развивање дијалог меѓу земјоделците (задругари), владините и невладините институции и позитивна промоција на економското организирање на земјоделците како единствена перспектива за развој на земјоделството во регионот – истакна Памуков.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, обраќајќи им се на задругарите, најнапред посочи дека задругите не се само економски субјекти туку и заедници што ги обединуваат земјоделците во заедничката мисија за просперитет и одржлив развој, и истакна:
– Земјоделските задруги им овозможуваат на малите земјоделци пристап до пазарите, технологии и знаења. Во мај годинава, објавивме јавен повик за економско здружување земјоделски задруги со максимална вредност од 15 милиони денари за корисник. Со оваа инвестиција, придонесуваме за формирање нови задруги, јакнење на постојните и зголемување на конкурентноста – истакна Трипуновски.
На најуспешните три задруги во Република Македонија, „Шари“ од Тетово, „Агро Куклиш“ од Струмица и „Мед и млеко“ од Ранковце, им беа доделени награди за успешни резултати во работењето и развојот на задругарството.
(Љ. А.)