Ако имате два декари лозје, две крави, дваесет кози… нема да добиете субвенции. Државата ги заострува критериумите за добивање субвенции преку новата програма за финансирање, вредна над 98 милиони евра. Програмата предвидува повисок долен праг за субвенции во сточарството – ќе бидат потребни најмалку три крави, во козарството минимум 30 грла, а за пчелни семејства – 30 колонии. Лозарите ќе можат да конкурираат само со површина од најмалку 0,5 хектари, а, исто така, се зголемува минималната површина за полјоделските и за градинарските култури. Освен тоа, најмалку 30 отсто од произведените производи треба да се предадат во откупен центар или кај преработувачи за да се добие субвенција. За пченицата, пак, се бара користење на сертифициран семенски материјал.
Новите правила за добивање субвенции, според министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, се со цел парите да одат кај вистинските земјоделци и да се зголеми производството на храна. Но, за земјоделците, промената на условите за субвенционирање ќе има контраефект. Тие се исплашени дека поголем дел од нив ќе останат и без оние малку субвенции што ги земале, што ќе придонесе за намалување на земјоделското производство.
Доколку се планираат измени во начинот на субвенционирање, тие бараат да се формира посебно тело во кое, покрај министерот, ќе бидат вклучени и производителите и науката. Исто така, сметаат дека пред да се донесат вакви законски измени, претходно треба да има дебата, а не тие да се носат прекуноќ.
– Јас садам два декари со краставици, два декари со домати, два декари со зелка… вкупно имам 10 декари и нема да земам субвенции. Новата програма не само што нема да го зголеми земјоделството производство туку и многу земјоделци што нема да земат субвенции ќе ги намалат површините и ќе се намали и производството на храна. Освен тоа, државата ќе нема вистинска слика за тоа колку површини се обработуваат и колкави количини се произведуваат, поради тоа што може оние што имаат помали површини да произведуваат повеќе – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделците од Струмица.
Според него, на овој начин ќе се демотивираат ситните земјоделци, бидејќи субвенциите ќе отидат кај оние што имаат поголеми земјоделски површини и повеќе грла добиток.
– Во Македонија, просечната земјоделска површина од земјоделец е 0,7 хектари. Тоа значи дека поголем дел од земјоделците нема да влезат во програмата за субвенционирање. Пред да се носат вакви промени, треба да се направат анализи на терен, да се формира едно тело со сите чинители и да се отвори дебата, а не веднаш да се носат одлуки – вели Велков.
Тој вели дека Македонија ќе биде длабоко на дното во регионот по издвојувањето пари за поддршка на земјоделскиот сектор за производство на храна. За споредба, Србија годишно издвојува една милијарда евра, Бугарија 1,6 милијарди евра, Грција 3,6 милијарди евра…
Министерот Трипуновски призна дека има поткревање на површините, кои се услов за користење на субвенциите, со цел да се зголеми домашната продукција на храна.
– Има дополнителни условувања во делот на производството во делот што треба да го постигнеме на едно повисоко ниво. Сите овие почетни реформи што ги правиме се да дадеме еден правец каде ќе се движи Македонија во наредниот период. Мораме овие субвенции што ги даваме како држава да бидат дадени на вистинскиот начин, кај луѓето што навистина работат и произведуваат земјоделски производи – вели министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
Трипуновски вели дека во моментов има околу 65 илјади корисници на субвенции, а со новите правила очекува благо намалување. Најави и засилени контроли откако се дознало дека се исплаќаат субвенции за земјишта што воопшто не се обработуваат, а имало и случаи каде што во штала за добиток биле затечени само ушни маркици.
СДСМ, пак, вели дека Владата ги намалила субвенциите на земјоделците за 40 милиони евра. Со зголемувањето на минималните површини, неколку илјади земјоделци првпат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции.
Дел од земјоделците, пак, се заканија со протести доколку дојде до промена на начинот на субвенционирање. Тие бараат да остане истиот начин за добивање државна помош, а доколку се планираат некои промени, да бидат вклучени во работните групи што ќе работат на новиот закон.
(А. С.)












