понеделник, февруари 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Земјоделците загрижени, малите производители ќе останат без финансиска поддршка

Земјоделците загрижени, малите производители ќе останат без финансиска поддршка

По најавата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, дека во новата програма ќе се воведе минимална површина од 0,5 хектари како услов за субвенции и задолжително користење сертифициран семенски материјал за пченица, земјоделците предупредуваат дека мерките ќе ги погодат малите производители и може дополнително да го намалат домашното производство

185

Земјоделците се загрижени по најавата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, дека во новата програма е предвидена и минимална површина од 0,5 хектари како услов за остварување право на финансиска поддршка. Тој најави засилени контроли во текот на оваа година, со цел државните средства да завршуваат кај земјоделците што реално придонесуваат за економијата и за развојот на руралните средини.

– Да се зголеми продукцијата на храна и субвенциите да имаат ефект е целта на реформите во земјоделството, кои почнаа уште минатата година. Нелогично е да имаме милиони евра поддршка, а да бележиме пад на производството. Се покачуваат минималните критериуми за користење субвенции зашто сакаме да ги стимулираме вистинските активни земјоделци. Кај нив треба да дојде поддршката – подвлече Трипуновски.

Осврнувајќи се на планираните промени, кои допрва ќе се спроведуваат, министерот нагласи една од нив – дека со новата програма за поддршка нема да се субвенционира пченицата ако не се користи сертифициран семенски материјал.

Земјоделците, пак, сметаат дека треба да се смени условот според кој за добивање субвенции, земјоделците треба да имаат минимум 5 декари засадени со една култура.

– Апсурден е условот според кој за да се добијат субвенции, земјоделецот под една култура треба да има засадена површина од 0,5 хектар. Кај нас, голем број од земјоделците имаат по две-три култури, кои ако се под 5 декари, нема да земат субвенции. На пример, еден земјоделец има засадено вкупна површина од 1,2 хектари, односно по 0,4 хектари под една култура, значи дека нема да земе субвенции од државата, што нема никаква логика. Бараме од министерот за земјоделство да ја преиспита оваа одлука – велат некои од земјоделците за весникот ВЕЧЕР.

Според нив, во програмата нема јасни критериуми ниту за тоа како ќе се откупува производот.

– Ако не ги продадеме производите по цените што ги бараат откупувачите, нема да земеме субвенции. Искуството досега покажало дека откупувачите ја користат својата позиција и секогаш гледаат на своите интереси, односно да ги откупат производите по пониска цена. Ги уценуваат и им ги земаат производите по цена што не ги покрива ни производствените трошоци – велат земјоделците.

Тие додаваат дека под овие услови не само што нема да се зголеми земјоделското производство туку напротив, уште повеќе ќе се намалат засадените површини, а голем дел од земјоделците поради тоа што нема да бидат во можност да земат субвенции, ќе се откажат од земјоделството.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ