Земјоделците ќе седат пред компјутер, а дронови ќе ги прскаат и ќе ги ѓубрат нивите

Современото земјоделство сè повеќе се потпира на нови технологии за зголемување на продуктивноста, намалување на трошоците и за заштита на животната средина. Една од најиновативните технологии што добива сè поголема примена се беспилотните летала. Овие беспилотни летала овозможуваат прецизно управување со земјоделските активности и мерки, особено во области како што се ѓубрење и заштита на растенијата, како и детекција на болести кај растенијата. И земјоделците се согласуваат дека примената на новите технологии многу ќе го олесни земјоделското производство, но проблем се финансиите бидејќи едно беспилотно летало чини 60 илјади евра

874

Употребата на современите технологии во земјоделството може да ги зголемат приносите и да го намалат влијанието на климатските промени. Според земјоделците, примената на беспилотни летала во земјоделството може да придонесе за зголемување на квалитетот и на квантитетот и за намалување на трошоците во земјоделското производство. Но, финансиските средства се главна пречка за нивна примена. Едно беспилотно леталочини околу 60 илјади евра и потребна е помош од државата или користење средства од европски фондови за нивна поголема примена во земјоделството.

Современото земјоделство сè повеќе се потпира на нови технологии за зголемување на продуктивноста, за намалување на трошоците и за заштита на животната средина. Една од најиновативните технологии што добива сè поголема примена се беспилотните летала. Овие беспилотни летала овозможуваат прецизно управување со земјоделските активности и мерки, особено во области како што се ѓубрење и заштита на растенијата, како и детекција на болести кај растенијата.

– Европските искуствата во поглед на примена на дигитални технологии во земјоделството се позитивни и добредојдени. Примена беспилотни летала, заштитни мрежи, автоматски трактори… може многу да го олесни земјоделското производство и да ги зголеми приносите. Исто така, овие нови технологии може да го подобрат квалитетот на земјоделските производи, бидејќи се користат и за ѓубрење и за прскање против разни штетници, вели Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа за весникот ВЕЧЕР.

Беспилотните летала наоѓаат голема примена кај оризопроизводството, тутунопроизводството и кај другите култури, но проблемот е што едно беспилотно летало чини околу 60 илјади евра и земјоделците немаат финансиски средства за нивна примена.

– Беспилотните летала имаат многу придобивки во земјоделството, но проблем се финансиските средства. Едно беспилотно летало чини околу 60 илјади евра и не можат да си го дозволат ниту големите земјоделски стопанства во државата. Но, може да се изнајде начин тој да се обезбеди преку финансиска помош од државата или преку европски фондови кои даваат средства за примена на нови современи технологии во земјоделството, додава Каракашев.

Земјоделците велат дека ние сме многу далеку од примената на современи дигитални технологии во земјоделството каде што освен беспилотни летала се применуваат и автоматски трактори.

Во Европа веќе се применуваат автоматски трактори кои се управуваат со ГПС-навигација, имаат координати и се контролираат софтверски или преку сателитска врска.

– Традиционалното ѓубрење на големи земјоделски површини може да биде неефикасно, неекономично и штетно за почвата и за околината. Со помош на беспилотни летала, прихраната може да се изврши прецизно само на оние делови од парцелата каде што е навистина потребна интервенција. Беспилотните летала користат сензори и ГПС за мапирање на посевите и потоа рамномерно ги распрскуваат хранливите материи според потребите на растенијата. Овој пристап резултира со подобар раст, повисок принос и намалена (оптимизирана) употреба на ѓубривата, велат земјоделските експерти.

Покрај прихраната, беспилотните летала се користат и за заштита од штетници. Со нив се прскаат препарати со голема прецизност, при што се намалува контактот со хемикалиите и се минимизира загадувањето. Прскањето со беспилотни летала е особено корисно кај тешко пристапни или нерамни терени, каде што традиционалните машини не можат да ја извршат агротехничката мерка.

Една од најбитните примени на беспилотните летала е во раната детекција на болести, недостатоци на хранливи материи или недостаток на вода. Преку користење мултиспектрални и термални камери, тие можат да ја анализираат здравствената состојба на растенијата и да ги откријат првите знаци на проблем, дури и пред  да бидат видливи со голо око. Со ова, земјоделците можат навремено да реагираат и да спречат поголеми штети.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ