Земјоделците ќе добијат уште една финансиска инјекција – гориво за земјоделската механизација

15

Субвенциите за зелена нафта ќе продолжат. Во подрачните канцеларии на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на земјоделците веќе почнаа да им се доделуваат картички за зелена нафта. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 46.272 земјоделци, за чија поддршка се издвоени над 540 милиони денари.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, рече дека делењето на ваучерите е започнато, а субвенции за зелена нафта ќе земаат и оние категории земјоделци што претходно не беа вметнати во т.н. програма за зелена нафта.

– Она што значи модификација, значи реална пресметка на потребната количина нафтен дериват за секоја земјоделска култура. Тоа значи вметнување и на тутунарите, сточарите, бидејќи и тие треба да добијат стимулација – посочи министерот.

И премиерот Христијан Мицкоски ја потврди информацијата што ја објави ресорниот министер, Цветан Трипуновски, дека ќе продолжат субвенциите за зелена нафта.

– Да, апсолутно. Како Влада, имаме таква политика. Веќе е почнато делењето на ваучерите за околу 46.000 земјоделци. Сумата за оваа поддршка е над половина милијарда денари, околу 540 милиони денари. Министерот реферираше на последната владина седница дека е почнато делењето на ваучерите. Продолжуваме да ги поддржуваме земјоделците зашто тоа ни е најважно како Влада – потенцира Мицкоски.

Тој информира дека е прикрај откупот на грозје, дека се берат последните количини и оти досега има набрано околу 90 милиони килограми и ако се додадат на тоа 15. милиони што ги има во визбите, значи вкупно 105 милиони килограми.

– Очекуваме над 110 милиони килограми, имајќи предвид дека лани вкупната реколта беше 75 милиони. Сега имаме меѓу 35 и 45 милиони килограми повеќе грозје и очекувам поголем прилив од извоз. Годинава повеќе се бараше белото грозје, но и црното најде место во визбите. Сега доаѓа на ред оризот, па јаболкото, тутунот… Имаме план, како завршува една, почнува друга реколта, секако, сите култури и земјоделците ни се во фокусот – подвлече премиерот.

ИЗДВОЕНИ