Земјоделците да ги наводнуваат културите, особено пролетните, окопните и индустриските

25

Земјоделските производители да ги наводнуваат културите, особено пролетните, окопните и индустриските, зашто високите температури значително влијаат на нивото на влага во почвата, предупредуваат агрометеоролозите. Топлото време, особено најавениот бран со над 40 степени што се најавува за неделава, ќе се одрази, велат, и врз повеќегодишните растенија кај кои резервите на вода и во подлабоките слоеви постојано се намалуваат.

Некои од овошките во овој период се во интензивен раст, со појава на зрели плодови, а некои се во фаза на берба. Како што објаснуваат агрометеоролозите, сончевото и топло време е поволно за зреење на црешата, вишната и на некои видови зеленчук. Одредени житни култури се во последната фаза од животниот циклус – созревање, која е, исто така, мошне значајна.

– Потребите за вода кај сите земјоделски култури се големи и перманентни. Земјоделското производство има потреба од нови, пообилни врнежи дожд, кои би ја зголемиле влагата во почвата. Во следните денови, под влијание на топла воздушна маса од југ, времето ќе биде многу топло. Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа се очекува да надмине и 40 степени. В петок попладне и во вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност, со пороен дожд и грмежи, а пад на температурата за неколку степени се очекува во деновите од викендот, кога ќе дува умерен до засилен северен ветер. Овие температури влијаат негативно на земјоделските култури со тоа што доаѓа до интензивна евапотранспирација, при што почвата брзо се суши и поизразено ја губи почвената влага – нагласуваат агрометеоролозите од УХМР.

Тие додаваат дека земјоделците треба да продолжат со грижата за посевите, со изведувањето работи во поле, со наводнувањето, со уништувањето на плевелот, со заштитата од појава и развој на болести и штетници, со редовното следење и со примената на други агротехнички мерки.

 

ИЗДВОЕНИ