сабота, јули 18, 2026
Дома СВЕТ Земјите од ЕУ се договорија: нелегалните мигранти ќе се испраќаат во прифатни...

Земјите од ЕУ се договорија: нелегалните мигранти ќе се испраќаат во прифатни центри во земји надвор од нејзините граници

208
epa12497595 Police officers guard the Italian-run migrant detention center in Gjader, Albania, 01 November 2025, during a protest organized by activists from the Network Against Migrant Detention. The demonstration called for the immediate closure of the facility and denounced the EU's 'safe countries' mechanism, which the group warns will be expanded under the new Pact on Migration and Asylum. EPA/MALTON DIBRA

Одбиените баратели на азил, кои не можат да се вратат во своите земји, ќе бидат испратени во таканаречени „центри за враќање“ во земји надвор од ЕУ. Делови од законот треба да се донесат дури по една година, но договорот постигнат во понеделникот стапува во сила веднаш, што значи дека земјите можат да почнат да воспостават центри за враќање, а најнапредни во договорите се Холандија и Германија.

 

 

Преговарачите на Европската Унија се согласија за нов закон со кој ќе се забрзаат и зголемат депортациите од Унијата, вклучувајќи и депортации на одбиени баратели на азил. Според новите правила, тие луѓе треба да се селат во прифатни центри во земји надвор од ЕУ.

Текстот на законот е дел од сеопфатните реформи што ги спроведува ЕУ за да ја зголеми контролата врз тоа кој ги преминува нејзините надворешни граници и да ги поддржи земјите што примаат најмногу надворешни мигранти. Овој договор, постигнат во понеделникот, стапува во сила веднаш, 10 дена пред да почне примената на други реформи за миграција и азил.

– Овој договор ќе ѝ помогне на ЕУ да ја врати контролата врз тоа „кој доаѓа во Европската Унија, но и кој мора да ја напушти Европската Унија“, рече комесарот за миграција, Магнус Брунер.

Тој посочи дека стапката на одбиени баратели на азил кои го напуштаат блокот, според најновите податоци на „Евростат“, е околу 27 проценти.

– Мора да им го вратиме чувството на луѓето дека имаме контрола врз она што се случува, додаде Брунер.

Новата регулатива обезбедува правна основа што им овозможува на земјите членки да основаат центри за враќање во трети земји за луѓе кои немаат право да останат во ЕУ. Поточно, одбиените баратели на азил кои не можат да се вратат во земјите од кои потекнуваат, ќе бидат испратени во овие центри. Ова би се однесувало на случаи кога матичната земја на мигрантите одбива да го прифати нивното враќање или кога членката на ЕУ нема дипломатски односи со таа земја. Центрите за враќање можат да служат или како крајна дестинација или како места за трансфер што го олеснуваат понатамошното враќање во земјата на потекло или во друга трета земја. Меѓусебното признавање на одлуките за враќање меѓу земјите членки засега ќе остане доброволно, со повторна евалуација две години по стапувањето во сила на регулативата.

Опцијата за испраќање на мигрантите во „центри за враќање“ надвор од блокот е опција што неколку земји од ЕУ веќе ја истражуваат, но за која граѓанските организации предупредуваат дека би можела да отвори врата за повеќе злоупотреби и кршења на човековите права.

Текстот, како што пишува бриселски „Политико“ исто така, воведува построги правила за постапување со луѓе кои се сметаат за безбедносна закана, можност за претреси на домовите, долги притворања, забрани за влез и казни за оние кои не соработуваат.

– Со години, Европа ја испраќаше најлошата можна порака: дури и да немавте право да останете, големи беа шансите ништо да не се случи. Таа ера завршува. Ако немате право да останете во Европа, ќе мора да заминете, рече во коментар францускиот европратеник Франсоа-Ксавиер Белами, кој ја претставуваше централно-десничарската Европска народна партија во преговорите.

Според Николас Јоанидес, заменик-министер за миграција на Кипар, земја претседавач на Унијата, новата регулатива ќе го забрза процесот на враќање и ќе го зголеми враќањето на луѓе кои немаат законско право да останат во ЕУ.

И покрај противењето на пратениците од либералните и левичарските групи, Европскиот парламент влезе во преговори за овие нови правила за мигрантите со став поддржан од инструментот за соседска политика – ЕНП, десничарските Европски конзервативци и реформисти и крајно десничарските групи Патриоти за Европа и Европа на суверените нации.

– Договорот од понеделник воведува „правен арсенал кој ѝ служи на ксенофобична идеологија, изјави во коментар преговарачката на Зелените, Мелиса Камара.

Француската европратеничка го критикуваше текстот за дозволување центри надвор од Европската Унија, притворање малолетници и „домашни посети инспирирани од практиките на ИЦЕ“, алудирајќи на  контроверзната агенција за имиграција и царина на САД.

Разговорите на оваа тема, минатиот месец пропаднаа поради несогласувања за тоа кога треба да се спроведат новите мерки. Според договорот од понеделник, делови од текстот ќе бидат донесени дури по една година, но некои одредби, меѓу кои и мерките што им дозволуваат на земјите да воспостават центри за враќање, ќе почнат да се применуваат веднаш, а тоа е клучна точка за земјите што напредуваат со договорите за нивно воспоставување, меѓу кои се  Холандија и Германија.

Марта Веландер, директорка за застапување на ЕУ во Меѓународниот комитет за бегалци, рече дека плановите означуваат „алармантно ново поглавје во пристапот на ЕУ кон азилот и миграцијата“.

– Овој договор ќе им даде на владите многу пошироки овластувања за притворање и депортирање луѓе. Се чини дека ќе ги нормализира рациите за имиграција, ќе ја прошири употребата на притвор во затворски објекти надвор од територијата на ЕУ, кои, во суштината, се црни дупки во законот, и ќе го зголеми ризикот од депортација на луѓе во земји каде што би можеле да се соочат со прогон, тортура или полошо, рече таа.

Политичкиот договор сега мора официјално да биде потврден од Советот и Парламентот на ЕУ.

 

ИЗДВОЕНИ