Од 2040 година, Данците нема да можат да се пензионираат пред 70-годишна возраст, што некои го гледаат како сигнал за можен поширок европски тренд. Во мај, данскиот Парламент донесе закон со кој се утврдува возраста за пензионирање на 70 години за сите родени по 31 декември 1970 година.
Во моментов, старосната граница е 67 години, се очекува да се зголеми на 68 до 2030 година, а потоа на 69 до 2035 година. Премиерката Мете Фредериксен минатата година сигнализираше дека ќе го преиспита системот кога ќе го достигне прагот од 70 години. Парламентот со големо мнозинство ја поддржа промената на законот – со 81 глас „за“ и 21 против, објави „Дојче веле“.
Пензиските системи во Европа се тешки за споредување, бидејќи некои земји веќе работат подолго од законскиот минимум. Во Германија, каде што се разгледуваат реформи поради слабата состојба на државниот пензиски фонд, канцеларот Фридрих Мерц призна дека прашањето за финансирање на системот останува нерешено.
Поранешниот владин советник Бернд Рафелхизен смета дека Германија треба брзо да ја зголеми возраста за пензионирање на 70 години за да „фати“ барем дел од „бејби-бумерите“, со оглед на тоа што околу милион луѓе ќе ја напуштаат работната сила секоја година до 2035 година.
Промените во францускиот пензиски систем со децении се жешка тема за тамошните власти, редовно доведувајќи ги незадоволните граѓани на улиците и доведувајќи до социјални немири и до општи штрајкови што ја парализираат земјата. Пред две години, и покрај жестокото противење, претседателот Емануел Макрон донесе закон со кој се зголемува општата возраст за пензионирање од 62 на 64 години, па затоа се чини дека прашањето е затворено.
Европа има два главни модела на пензискиот системи: Бевериџ (британски, универзално покритие, финансирано од даноци) и Бизмарк (германски, базиран на осигурувањето и на придонесите од вработените и од работодавците), но многу земји користат хибридни варијанти. Германскиот Бизмарк-систем е под зголемен притисок од стареењето на населението, недостигот на работна сила и зголемениот животен век, што значи подолги пензиски исплати и зголемен товар врз оние што работат.
Опциите се ограничени: или ќе се зголемат придонесите, или износите на пензиите ќе стагнираат и ќе ја загубат вредноста поради инфлацијата, или ќе се намалат нивоата на пензиите. За повеќето луѓе, раното пензионирање е попривлечно, бидејќи овозможува повеќе слободно време и подобра физичка подготвеност во првите години по работата, а, исто така, го поттикнува и трошењето. Сепак, подолгиот работен век има предности – многу луѓе се чувствуваат способни и мотивирани во шеесеттите години, а работодавците задржуваат искусен персонал, кој го ублажува недостигот од квалификувана работна сила.
Статистиката покажува дека законската и вистинската возраст за пензионирање ретко се совпаѓаат, бидејќи многу луѓе престануваат да работат рано поради физичко ограничување или професионално исцрпување. Во земји како Нов Зеланд, Јапонија, Шведска и Грција, луѓето често работат над официјалната возраст за пензионирање, од различни, честопати лични причини.
„Бруто-стапката на замена“м односот на пензијата кон последната платам игра клучна улога во одлуката за пензионирање. Ако е голем јазот, многумина не може да си дозволат да престанат да работат. Потребни се повисоки пензии за борба против ризикот од сиромаштија во староста, но ова бара дополнителни ресурси, кои системите во моментов ги немаат, додека прекумерното зголемување на придонесите ја ограничува можноста на работниците приватно да штедат за својата старост.
Оваа споредба го мери односот на просечната пензија на лицата на возраст од 65 до 74 години со просечната заработка од работа на лицата на возраст од 50 до 59 години, без да се земат предвид другите социјални бенефиции. На овој начин, се проценува колку се доволни пензиите за живот.
Во 2023 година, просечниот однос на замена во ЕУ беше 58 проценти. Ова значи дека лице што заработило 1.000 евра помеѓу 50. и 59. година, би добило 580 евра пензија помеѓу 65. и 74. година, објавува „Еуроњуз“.
По европски земји, овој однос се движеше од 35 проценти во Хрватска до 78 проценти во Грција. По Грција, следуваа Шпанија (77 проценти) и Италија (75 проценти), додека Португалија беше, исто така, над просекот на ЕУ, со 61 процент. На дното од листата, по Хрватска, беа Литванија (36 проценти) и Ирска (39 проценти), единствените земји членки на ЕУ со однос под 40 проценти.
Според „Евростат“, во 2022 година, просечните годишни трошоци за старосни пензии по корисник во ЕУ изнесувале 16.138 евра, што е околу 1.345 евра месечно. Во рамките на ЕУ, износот се движел од 3.611 евра во Бугарија до 31.385 евра во Луксембург.
Кога се вклучени земјите кандидатки на ЕФТА и на ЕУ, опсегот е уште поширок, од 1.648 евра во Албанија до 35.959 евра во Исланд. Просечната старосна пензија по корисник била над 30.000 евра и во Норвешка и во Данска и значително над просекот на ЕУ во Шведска (22.436 евра) и во Финска (21.085 евра).
Покрај Албанија, и другите земји кандидатки имаат најниски просечни пензии: Турција (2.942 евра), Босна и Херцеговина (3.041 евро), Србија (3.486 евра) и Црна Гора (3.962 евра). Црна Гора е само малку над Бугарија. Сите споменати вредности се однесуваат на годишно ниво, што јасно го покажува големиот јаз меѓу најниските и највисоките пензии во Европа.