Земјата без граници и без главен град ја признаа 75% проценти од членките на ОН, Нетанјаху категоричен – палестинска држава „нема да се случи“

414

Доколку земјите што ја потпишаа декларација навистина сакаат да го стабилизираат регионот, тие мора да ги фокусираат своите напори на вршење притисок врз Хамас веднаш да ги ослободи заложниците и да го положат оружјето, соопшти израелското министерство за надворешни работи. Германија, која поради своето нацистичко минато е еден од најцврстите сојузници на Израел, верува дека признавањето на палестинската држава треба да дојде дури на крајот од преговарачкиот процес за решение со две држави. Според израелскиот премиер, Нетанјаху, земјите што ја признале Палестина даваат „огромна награда на тероризмот“, а тој ќе им одговори наредната недела, кога ќе се врати од САД.

 

По речиси две години војна во Појасот Газа, Обединетото Кралство, Канада, Австралија и Португалија во неделата ја признаа Палестина, а Франција и други земји го следеа нивниот пример во понеделникот, на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Министерството за надворешни работи на Израел изјави дека ја отфрла „едностраната“ декларација на западните земји за признавање на палестинска држава. „Израел категорично ја отфрла едностраната декларација за признавање на палестинската држава, презентирана од Обединетото Кралство и други земји“, објави министерството. „Оваа декларација не промовира мир, напротив, дополнително го дестабилизира регионот и ги поткопува шансите за постигнување мирно решение во иднина“, стои во изјавата со која се осудува одлуката која се смета за „награда за најголемиот масакр врз Евреите од Холокаустот“.

Поради своето нацистичко минато, Германија е еден од најцврстите сојузници на Израел и верува дека признавањето на палестинската држава треба да дојде дури на крајот од преговарачкиот процес за решение со две држави, со што го повторува својот став како реакција на голем број земји кои одлучија да ја признаат Палестина. До почетокот на војната во Газа, Западна и Северна Европа беа едногласни во своето непризнавање, со исклучок на Шведска, која ја призна во 2014 година. Норвешка, Шпанија, Ирска и Словенија го следеа примерот на Стокхолм минатата година. Најавувајќи формално признавање на Палестина во неделата, францускиот претседател Емануел Макрон го постави ослободувањето на заложниците од страна на Хамас како услов за отворање француска амбасада во Палестина.

Во моментов, Палестина е признаена од 150 од вкупно 193 држави членки на ОН, што е околу 75 отсто, а меѓу нив се и Обединетото Кралство и Канада, кои станаа првите земји од Г7 што го сторија тоа. Останатите, предводени од САД и  Израел, не ја признаваат. Но, така широко признаената држава нема меѓународно договорени граници, главен град ниту војска. Палестина не е членка на Генералното собрание на ОН, а од ноември 2012 година има статус на држава набљудувач.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во понеделникот изјави дека палестинска држава „нема да се случи“ и дека оние земји што ја признале даваат „огромна награда на тероризмот“.

– Имам јасна порака до оние лидери кои признаваат палестинска држава по ужасниот масакр на 7 октомври – вие давате огромна награда на тероризмот, рече тој во видеоизјава и додаде дека одговорот на Израел на новите признавања на Палестина ќе дојде откако ќе се врати од САД следната недела, нагласувајќи дека палестинска држава нема да биде основана западно од реката Јордан, објави „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху посочи дека под негово водство, Израел ги удвоил еврејските населби во Јудеја и Самарија, како што Тел Авив го нарекува окупираниот Западен Брег, и ќе продолжи по тој пат.

ИЗДВОЕНИ