Украинската тенисерка Олександра Олијникова повторно ја отвори политичката тема во светот на тенисот откако одби да се ракува со Јулија Путинцева по нивниот натпревар во квалификациите за ВТА 500 турнирот во Стразбур.
Олијникова, која се наоѓа на 68. место на ВТА-листата, ја совлада Путинцева со 6:4, 6:4 и обезбеди пласман во главната жрепка, но вниманието на јавноста го привлече нејзиниот потег по мечот.
Уште пред натпреварот најави дека нема да се ракува со противничката, а причината ја објасни преку објава на социјалните мрежи. Според неа, проблемот е учеството на Путинцева на ревијален турнир во Санкт Петербург, организиран со поддршка од руската компанија „Газпром“.
- Учеството на турнир што се одржува на територијата на агресорска држава, организиран од руска компанија што ја спонзорира војната, е свесен избор. Тоа е избор да се помогне во нормализирањето на агресијата и да се поддржи теророт врз цивилите. Земањето „крвави пари“ е неморално и е во спротивност со самиот концепт на човечноста – порача Олијникова.
Таа додаде дека нејзиниот став не се однесува само на Путинцева туку и на сите тенисерки што настапиле на спорниот турнир во Русија.
- Нема да се ракувам со играчи што учествуваа на тој настан, без разлика на нивната националност или знамето под кое настапуваат – изјави украинската тенисерка.
На турнирот во Санкт Петербург минатата година, учествуваа и големи имиња како Данил Медведев, Карен Качанов и Александер Бублик.
И покрај тензиите надвор од теренот, Олијникова остана максимално фокусирана на играта и сигурно стигна до победата во два сета. Во осминафиналето, таа го предаде мечот против Марие Бузакова од Чешка.
Инаку, во последните месеци таа бележи голем напредок во кариерата. На крајот од 2025 година, првпат влезе во топ-100, а оваа сезона дебитираше и на главната жрепка на Австралија опен.











