„Каде да пријавам измама од мајстор“, жена бара совет од членовите на фејсбук-групата „Барам мајстор“, која има намена да помогне во побрзо наоѓање и ангажирање на градежните занаетчии. Му дала на мајсторот аванс од 1.000 евра за изработка на дрвени скалила, ги зел парите и веќе една година нема ниту трага ниту глас од него. Таа не е единствена која наседнала на нечесните мајстори кои го валкаат името на оние што навистина живеат од професијата. На социјалните мрежи објавите за мајсторските лаги и измами станаа секојдневје, оштетените граѓани им платиле капар од илјадници евра за работата што не ја завршиле. Измамниците се објавуваат дури и со слики „внимавајте на човеков, фирмата му е блокирана, а има повеќе пријави за измама, потпишавме договор со рок кој не го испочитува“, пишува оштетен над сликата од измамникот која ја објавил да ги предупреди останатите членови од групата да не наседнуваат на неговите ветувања.
Недостатокот од градежни занаетчии кои во потрага по економска сигурност се иселија од државата во некои од европските земји, е една од причините граѓаните да најмуваат буквално кој било. Жител на скопско Ракотинци пријавил измама во полициската станица „Пролет“ од градежен мајстор од Кондово бидејќи му зел капар од повеќе илјади евра за доградба на соба, но и по една година останала само желбата, но не и собата. Мајсторот исчезнал. Според кажувањата на оштетениот за весникот ВЕЧЕР, полицијата знаела за измамникот кој и претходно бил пријавуван од други. Кога го викнале во полициската станица признал дека не си сработил за платеното, но пак не отишол да гради, па сега измамениот правдата ќе ја бара по судски пат.
Иако многу од жртвите на мајсторските измами тврдат дека пријавиле во полиција, сепак од МВР за весникот ВЕЧЕР тврдат дека во полициската евиденција нема пријави.
„До овој момент нема пријава за измами од лица што нудат услуги преку групи на социјалната мрежа „Фејсбук“ или други. Секторот постапува исклучиво по пријави за кривични дела што се гонат по службена должност согласно со Кривичниот законик. Со цел да се заштитат од можни измами и злоупотреби, граѓаните треба да користат услуги исклучиво од проверени и официјални извори, како и да се информираат за лицата што ги ангажираат. Пријавите што се однесуваат на вакви или слични измами е потребно да се пријават во најблиската полициска станица“, апелираат од МВР.
И од Организацијата за заштита на потрошувачите велат дека во случаите кога луѓето ангажираат мајстори кои не работат преку фирми и немаат договор, измамите да ги пријават во полиција. „Станува збор за класични измами за кои не може да се пријави во пазарната инспекција бидејќи не се регулирани во Законот за надзор на пазарот. Тука спаѓаат занаетчиски услуги, но само оние што вршат сервис преку овластени фирми, не и индивидуални лица кои работат на диво“, објаснуваат од организацијата и апелираат до граѓаните да не ангажираат мајстори преку социјални мрежи чија намена е реклама на вистински, но и на лажни даватели на услуги.
Единствениот начин за некаква гаранција, што повторно не мора да значи, е граѓаните да направат интерен, односно меѓусебен договор со мајсторите. Правниците кои ги консултираше ВЕЧЕР велат дека овој договор не мора да се носи на нотарска заверка, претставува засновање на договорен однос помеѓу барателот на услугата од една и давателот од друга страна. Во договорот, кој на крај го потпишуваат двете страни, се пишува бараната работа, за колку пари се пазареле страните, дали било авансно исплатено и, на крај, рокот во кој треба да се заврши работата. Адвокатите велат дека ваквиот договор е валиден во приватна тужба доколку давателот на услугата не го почитува договореното, а зел пари за тоа.
Граѓаните во очај бараат одговори каде да ја пријават измамата од мајсторот кој на социјалните мрежи им гарантирал квалитет и брза изработка. Дел од жртвите на лажните мајсторски услуги се освестуваат и креваат раце од парите што ги изгубиле. Има и лековерни кои дозволуваат и натаму да бидат манипулирани па им даваат уште пари. „Овој човек ми побара првиот пат за материјали 1.000 евра, па не доаѓаше подолго време да почне со работа. Упорно го баравме и кога конечно ни се јави, рече дека малку биле парите и ни побара уште 500“, пишува измамен објавувајќи ја сликата на човекот кој им ветувал квалитетна услуга.
Во Ковид-пандемијата граѓаните сè повеќе почнаа да го користат интернет-купувањето на производи и услуги и тој тренд остана и до денес. Како резултат на тоа се зголеми и бројот на оштетени потрошувачи. Кај нас сè уште нема некој конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица преку социјалните мрежи да продаваат производи или да даваат услуги од некој лажен профил. Од таа причина потрошувачите се тие што треба да внимаваат при купувањето преку интернет, бидејќи измамата од овие т.н. фиктивни продавачи кои се застапени на социјалните мрежи е голема и понатаму имаат тешкотии за заштита на своите права. (П.А.)