Според официјалните податоци, семејството на украинскиот претседател лани остварило приход од околу 380.000 евра, од кои приближно 212.000 евра од државни обврзници, а останатите 167.000 евра се спечалени од претседателската плата, банкарските камати и од продажба и изнајмување недвижен имот. „Селебрити нет ворт“ го проценува неговото вкупно богатство на околу 1,5 милиони долари, а „Форбс“ на приближно 30 милиони долари. Има и процена според која Зеленски поседува дури 850 милиони долари, но таа се смета за претерана
Во светлина на протестите во Украина што се случија откако се одзеде автономијата на двете антикорупциски агенции, со што претседателот Володимир Зеленски стана клучната личност во борбата со корупцијата, деновиве се поставуваат многу прашања во врска со него. Едно од нив е – колку е богат?
Претседателската плата на Володимир Зеленски е околу 11.200 долари годишно, што е приближно 930 долари месечно. Но, според официјалните податоци објавени на крајот на март 2025 година, семејството на украинскиот претседател Володимир Зеленски остварило приход од околу 380.000 евра (15,2 милиони гривни) во текот на претходната година, што укажува дека тој и неговото семејство имаат други приходи кои не се директно поврзани со неговата политичка функција. Најголемиот дел од тој приход, приближно 212.000 евра (8,5 милиони гривни), семејството го добило од отплатата на обврзниците од домашниот државен заем. Според „Форбс“, останатите 167.000 евра (6,7 милиони гривни) доаѓаат од три различни извори: претседателската плата на Зеленски, банкарските камати и приходите од продажбата на неговиот сопствен недвижен имот. Особено е интересно што зголемувањето на приходите на семејството на Зеленски во споредба со 2023 година целосно се должи на наплатата на закупи на недвижен имот што го поседува.
Пред да стане претседател на Украина, Зеленски беше познат како успешен комичар, актер и продуцент. Неговиот пат до финансиски успех почна долго пред неговата политичка кариера, што објаснува дел од неговото сегашно богатство. Главниот извор на богатството на Зеленски пред претседателствувањето беше поврзан со продуцентската куќа „Квартал 95“. Оваа компанија е продуцент на популарни комични емисии и серии, од кои најпозната е „Слуга на народот“, во која Зеленски ја играше улогата на обичен професор кој неочекувано станува претседател на Украина, сценарио што подоцна се оствари во реалниот живот. Кога ја презеде функцијата претседател, Зеленски наводно го префрлил својот удел во компанијата на своите деловни партнери. Сепак, финансиските експерти веруваат дека веројатно ќе ги врати своите акции откако ќе ја напушти претседателската функција. Но, истражувачки новинари во 2021 година, како дел од Пандорината кутија, открија дека Зеленски бил поврзан со мрежа од офшор компании. Според тие документи, тој и неговите блиски соработници користеле компании регистрирани на Британските Девствени Острови, Кипар и Белизе. Случајот со „Малтекс мултикапитал корп“, регистрирана на Британските Девствени Острови, е особено интересен. Само еден месец пред да биде избран за претседател, Зеленски својот удел во оваа компанија го продал на својот близок пријател и сегашен асистент, Сергиј Шефир. Документите покажуваат дека оваа компанија имала деловни врски со Украина, Белорусија, Русија, Белизе и Кипар. Оваа информација предизвика одредени контроверзии, особено затоа што за време на претседателската кампања Зеленски ги критикуваше олигарсите кои го кријат своето богатство преку офшор сметки.
Проценките за вкупното богатство на Володимир Зеленски значително варираат. Некои извори, како што е веб-страницата „Селебрити нет ворт“, го проценуваат неговото богатство на околу 1,5 милиони долари. Од друга страна, американскиот „Форбс“ го проценува на приближно 30 милиони долари. Многу поконтроверзно е тврдењето на холандската партија Форум за демократија, која во еден момент објави дека „според различни процени, богатството на Зеленски достигнува 850 милиони долари. Сепак, ова тврдење не е поткрепено со веродостојни докази и многу експерти го сметаат за претерано, пренесува „Нова“.
Семејството Зеленски поседува неколку имоти, како во Украина, така и во странство. Според претходните извештаи, Зеленски поседувал и вила во италијанското одморалиште Форте деи Марми, вредна околу 4,6 милиони долари, која наводно ја продал во 2020 година. Точниот број и вредноста на овие имоти не се јавно достапни, иако е познато дека тие му го носат најголемиот приход на семејството.
Во споредба со другите светски лидери, финансиската состојба на Володимир Зеленски не изгледа необична. Сепак, контрастот помеѓу неговиот официјален годишен приход како претседател (околу 11.200 долари) и вкупниот семеен приход (380.000 евра) создава одредена доза на скептицизам кај граѓаните и аналитичарите. Врз основа на достапните податоци, може да се заклучи дека Володимир Зеленски не е меѓу најсиромашните светски лидери, но не е ниту меѓу најбогатите. Тековниот годишен приход на неговото семејство од 380.000 евра го става во категоријата на богати, но не и екстремно богати политички лидери.