Зеленски: Украина утре ќе испрати делегација во Истанбул на нова рунда преговори со Русија

35
Фото:принскрин/видео Х

Украина утре ќе испрати делегација во Истанбул на нова рунда директни мировни преговори со Русија, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Како што напиша на каналот „Телеграм“, украинската делегација ќе ја предводи министерот за одбрана Рустем Умеров.

„Правиме сè за да ја заштитиме нашата независност, нашата држава и нашиот народ“, рече Зеленски.

На платформата „Икс“, Зеленски рече дека ги истакнал краткорочните задачи и ги дефинирал позициите на Украина пред состанокот во Истанбул во понеделник.

„Прво – целосно и безусловно прекин на огнот. Второ – ослободување на затворениците. Трето – враќање на киднапираните деца“, напиша Зеленски.

Според него, за да се воспостави сигурен и траен мир и да се обезбеди безбедност, треба да се подготви состанок на највисоко ниво.

„Само лидерите можат да ги решат клучните прашања“, нагласи тој.

Украинските власти претходно го повикаа Кремљ да достави ветен меморандум во кој ќе биде наведен својот став за прекин на војната пред состанокот.

Москва соопшти дека ќе го сподели меморандумот за време на разговорите.

Првата рунда разговори се одржа по предлог на рускиот претседател Владимир Путин за одржување директни разговори без предуслови во Истанбул на 15 мај.

Руска делегација пристигна во Истанбул тој ден, но немаше контакти меѓу претставниците на двете земји.

Средбата се одржа следниот ден и траеше речиси два часа.

Рускиот претседателски помошник Владимир Медински, кој ја предводеше руската делегација, изјави дека Москва и Киев се согласиле да ја презентираат својата визија за евентуално идно прекин на огнот, објави Танјуг.

ИЗДВОЕНИ