Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес по повод Денот на националното знаме изјави дека земјата нема да се откаже од ниту еден дел од својата територија, пренесува РТВ.
Тој нагласи дека знамето на Украина е симбол на надеж за граѓаните на привремено окупираните територии.
„Ова знаме е чувство на спасение за луѓето што ги враќаме од руско заробеништво. Кога ќе ги видат украинските бои, знаат дека злото завршило. Ова знаме е цел и сон за многу наши луѓе под привремена окупација. Тие го чуваат, бидејќи знаат дека нема да му ја дадеме нашата земја на окупаторот“, рече Зеленски денес на церемонијата по повод Денот на националното знаме, пренесува украински УНИАН.
Украинскиот претседател нагласи дека сè повеќе земји се согласуваат дека трајниот мир и безбедноста за демократските нации можат да се обезбедат само заедно со Украина.
„Нека секој што придонел за зајакнување на украинските бои денес чуе зборови на благодарност. Им благодарам на сите што се борат за нашата држава и нашиот народ“, додаде Зеленски.
Денот на националното знаме на Украина се слави во Украина на 23 август, а според најраспространетото толкување, сината боја го претставува небото, а жолтата боја ги претставува златните полиња со жито.
Знамето на Украина официјално е усвоено во 1992 година. Во чест на празникот, украинските знамиња сега се креваат низ целата земја и во дијаспората, како знак на поддршка на украинскиот народ, објаснува УНИАН.