Зеленски: Украина е подготвена да премине кон прекин на огнот што е можно поскоро доколку Русија преземе слични чекори

40
Фото: EPA-EFE/STRINGER

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера вечерта изјави дека Украина е подготвена да премине кон прекин на огнот што е можно поскоро доколку Русија преземе слични чекори кон воспоставување целосен прекин на конфликтот за најмалку 30 дена.

Зеленски во вечерното видео обраќање рече дека се подготвува за важни состаноци и разговори со странски партнери за потребата да се влијае врз Русија да се согласи на целосен прекин на огнот за 30 дена, што би овозможило барање решение за прекин на војната.

Според Зеленски, „никој сега не гледа таква подготвеност“ од страна на Русија.

Тој рече дека економските услови во Русија сега се понеповолни бидејќи цената на нафтата сега е пониска, објави Укринформ.

„Затоа, санкциите против руските енергенси, против банките дефинитивно можат да помогнат во мирот. Разговаравме за ова со нашите партнери. Знаеме дека нашите партнери нè слушнаа“, рече Зеленски.

Според него, сегашниот интензитет на руските напади врз Украина не укажува на ништо друго освен на желба за продолжување на борбата.

„Одговараме на целиот фронт, како и во (руските) региони Курск и Белгород, каде што остануваме активни“, рече Зеленски.

Зеленски претходно изјави дека на рускиот претседател Владимир Путин му е потребен прекин на огнот од полноќ на 8 до 10 мај и дека е невозможно да се постигне договор за следните чекори за завршување на војната во тој период.

ИЗДВОЕНИ