Зеленски удри по Орбан: „Тој ja користи Украина за изборни цели“

74
EPA-EFE/JAVAD PARSA NORWAY OUT

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја користи темата за војната на Русија против Украина во своја полза пред парламентарните избори, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за унгарскиот портал Валаш онлајн.

Зеленски рече дека политиката што ја промовира Орбан е антиукраинска. Во исто време, украинскиот претседател е убеден дека оваа политика не го одразува ставот на унгарското општество во целина.

Зеленски додаде дека Орбан прави „историска грешка“ и не разбира дека неговата политика „ќе има многу посериозни и опасни последици: радикализација на унгарското општество и неговото антиукраинско расположение“.

Владата на Орбан изминатиот период води кампања против помошта за Украина и се спротивставува на нејзиното членство во ЕУ. Како дел од кампањата против Украина, се поjавија и билборди со Зеленски.

„Како може тој (Орбан) да го искористи моето лице за да биде избран? Не му дадов дозвола за тоа“, истакна Зеленски.

Тој наведе и дека Украинската безбедносна служба минатиот месец уапси двајца Украинци од унгарско потекло, осомничени за шпионажа за Унгарската разузнавачка служба.

Потоа Унгарија уапси шпион, за кој се верува дека работел за Украина и кој е близок до лидерот на унгарската опозиција, Петер Маѓар.

Орбан е на власт од 2010 година, а следните парламентарни избори се во 2026 година.

ИЗДВОЕНИ