понеделник, октомври 19, 2026
Дома СВЕТ Зеленски сè уште му верува на Трамп, но предупредува на „историска грешка“

Зеленски сè уште му верува на Трамп, но предупредува на „историска грешка“

0
NBC News

Доколку САД формално застанат на страната на Русија, тоа би претставувало „историска грешка“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Сакаме да му веруваме“, рече Зеленски за време на гостувањето во емисијата Meet the Press на NBC News, осврнувајќи се на потезите што американскиот претседател Доналд Трамп ги направи во последните денови.

Украинскиот претседател изјави дека сè уште ги смета Трамп и САД за сојузници, но се надева дека Трамп ќе ја промени својата одлука. „Мислам дека сето ова се грешки, тие нема да ни помогнат нам, а нема да им помогнат ниту на САД“, рече Зеленски.

Инаку, Трамп најави договор со рускиот претседател Владимир Путин во врска со испораката на руска нафта, а потоа, тој ги укина санкциите за рускиот извоз на енергенси и се откажа од плановите за воведување нови, сеопфатни санкции, повикувајќи се на „националниот интерес на САД“.

Зеленски исто така напомена дека, по овој договор меѓу САД и Русија, размената на разузнавачки податоци со САД била привремено „блокирана“, а биле воведени и ограничувања за користење на мрежата „Старлинк“. Овие потези практично ја оставија Украина „слепа“ за руските балистички ракети што доаѓаат.

Тој нагласи дека, според него, одлуката за ограничување на „Старлинк“ дошла директно од Белата куќа.

На прашањето за изјавата на Трамп дека е „потешко да се соработува со него отколку со Путин“, Зеленски одговори дека бил „многу искрен“ кон Трамп. „Подобро е да имате партнери кои се многу отворени и јасни, отколку такви што се убијци – дури и ако на лицата им носат насмевка“, истакна тој.

Тој повтори дека каков било договор меѓу Трамп и Путин само ќе ја „зајакне желбата на Русија да ја окупира Украина“, додавајќи дека тоа нема да има никакво реално влијание врз цените на нафтата во САД.

„Не ги знам сите причини поради кои претседателот Трамп склучува вакви договори“, рече тој.

На крајот, тој изјави дека доколку САД формално застанат на страната на Русија, иднината за Украина би била мрачна.

„Ако овие две земји застанат заедно… ние нема да победиме и нема да можеме да опстанеме“, заклучи Зеленски за време на своето гостување на NBC News.

ИЗДВОЕНИ