Американските власти понудија потенцијален нов формат за мировни преговори меѓу Украина и Русија, со учество на американски и евентуално европски претставници, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски, како што објави британската агенција „Ројтерс“.
Киев ќе одлучи за форматот откако ќе стане јасно дали билатералните разговори со американските преговарачи, кои продолжија во петокот, се позитивни, рече Зеленски, додавајќи дека планира да го покрене прашањето со шефот на украинската делегација, Рустем Умеров.
Во разговор со новинарите во Киев, Зеленски не навлезе во детали за форматот предложен од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
„САД рекоа дека ќе имаат посебен состанок со претставници на Русија. И тие го предложија следниот формат, доколку јас разбирам: Украина, Америка, Русија и, бидејќи претставници на Европа се таму, веројатно и Европа“, рече Зеленски.
Американските преговарачи требаше денес да се сретнат со руски претставници во американската држава Флорида.
Украина и Русија не одржаа разговори лице в лице од јули, но шатл-дипломатијата поддржана од САД за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина се интензивираше во последните недели.
Украинските и европските претставници одржаа рунда разговори со своите американски колеги во САД во петокот и се согласија наскоро да ги продолжат контактите, рече Умеров.












