Зеленски: Русија синоќа лансираше повеќе од 300 дронови во Украина

79

Рускирте сили лансираа повеќе од 300 дронови и повеќе од 30 ракети и крстосувачки ракети во украинските градови преку ноќ, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски денес на „Телеграм“.

Зеленски објави фотографии на кои се гледа штетата на станбена зграда во градот Одеса на Црното Море, каде што едно лице е убиено, а шест други се повредени, според официјални извештаи, пренесе „Хина“.

Регионите Дњепропетровск, Донецк, Херсон и Запорожје беа погодени, рече Зеленски. Важна инфраструктура беше уништена во Сумискиот регион, каде што илјадници домаќинства останаа без електрична енергија.

„Дроновите се уште се во воздух“, рече Зеленски.

Тој додаде дека украинската воздушна одбрана ги уништува и дека се активирани службите за итни случаи.

Павлоград во регионот Дњепропетровск беше силно погоден, со оштетена зграда и важна инфраструктура, рече Зеленски.

Регионалниот воен командант Сергеј Лисак зборуваше за „пеколна ноќ“ и додаде дека тоа е најлошиот напад врз градот источно од реката Днепар досега. „Една експлозија по друга. Руските терористи нападнаа со ракети и беспилотни летала“, објави тој на „Телеграм“.

Бројот на напади беше значително поголем отколку во последните денови, а Москва се чини дека не е вознемирена од најновиот пакет санкции што Европската Унија го усвои вчера. Зеленски го повтори својот повик до сојузниците на Украина да ја зајакнат воздушната одбрана.

На Украина ѝ се потребни заеднички капацитети за производство на оружје, инвестиции во производство на беспилотни летала и системи за воздушна одбрана, рече тој.

„Сето ова ќе спаси животи и на Украина ѝ е потребно, особено сега“, рече тој.

ИЗДВОЕНИ