На чело на четиричлената делегација на Путин е неговиот помошник Владимир Медински, кој ги водеше руските преговарачи и во 2022 година. Во делегацијата се и заменикот на рускиот министер за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на Главната управа на Генералштабот на руската војска Олег Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин. Одреден е и тим експерти кои ќе учествуваат во преговорите. „Украина испрати делегација на високо ниво која може да ги подготви потребните одлуки, за жал, Русија испрати делегација од прилично низок ранг со нејасен мандат, соопшти канцеларијата на Зеленски. За западните политичари составот на руската делегација е навредлив за Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера пристигна во турската престолнина Анкара на средба со претседателот Реџеп Таип Ердоган, додека се очекуваше руските и украинските претставници да почнат мировни преговори во Истанбул.
Во текот на целиот вчерашен ден, очите на светската јавност беа вперени во Истанбул, но оттаму медиумите испраќаа „топло-ладно“ информации од тоа дека средбата ќе се одржи изутрина, па попладне, до тоа дека воопшто нема да ја има. Неделава почна со шпекулации дека ќе се случи историска средба меѓу Зеленски и Путин, но до вчера попладне остана неизвесно дали од Анкара Зеленски ќе влезе во авион за Истанбул или за Киев.
Додека се чекаше средбата, делегацијата на Путин беше она што ја преокупираше јавноста. Ден претходно стана јасно дека тој нема да се сретне лице в лице со Зеленски, што украинскиот претседател го постави како услов за одржување на преговори за мир, а дури вечерта ги соопшти имињата на луѓето кои ќе го претставуваат. На чело на четиричлената делегација на Путин е неговиот помошник Владимир Медински, кој ги водеше руските преговарачи и во 2022 година. Во делегацијата се и заменикот на рускиот министер за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на Главната управа на Генералштабот на руската војска Олег Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин. Одреден е и тим експерти кои ќе учествуваат во преговорите.
Освен тоа што членовите на руската делегација не се на највисоки позиции во државата, посебно боде очи бекграундот на човекот кој ја предводи – Медински. Тој е роден во Украина, бил министер за култура и сега е помошник на претседателот. Познат е како автор на новиот учебник по историја кој ги одразува погледите на Путин на настаните од блиското минато. Медински пишува за гордоста од постигнувањата на суперсилата Советски Сојуз, огорченоста од понижувањето поради неговото распаѓање и го фали препородот на Русија под водството на Путин од 1999 година.
Пристигнувајќи во Турција, луѓето во руската делегација Зеленски ги нарече статисти. „Украина испрати делегација на високо ниво која може да ги подготви потребните одлуки. За жал, Русија испрати делегација од прилично низок ранг со нејасен мандат“, соопшти канцеларијата на претседателот на Украина. Зеленски во Турција е придружуван од министерот за одбрана Рустем Умеров, шефот на Службата за безбедност (СБУ), Васил Малик, и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов.
-Кловн и губитник коментира почитувани луѓе, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи ја изјавата на Зеленски.
За руската делегација Западот оцени дека е навредлива. Во пресрет на мировните преговори министрите за надворешни работи на НАТО, исто така беа во Турција, каде во Анталија имаа состанок. Оттаму испратија речиси едногласни пораки – дека Русија не покажува сериозна подготвеност за мир, додека, пак, Украина демонстрира одлучност. Британскиот министер Дејвид Лами рече дека Кремљ нема вистинска волја за преговори, зашто испратила делегација на ниско ниво.
-Разговорите можат да напредуваат само ако Русија се појави со вистинска намера и со релевантна делегација. Сè уште не сме сигурни дека тоа е случај, рече генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, кој исто така присуствуваше на самитот на НАТО рече дека Вашингтон е „нетрпелив“ да види напредок во мировните напори меѓу Украина и Русија.
-Многу работа останува. Посветени сме, но како и сите, сакаме ова да заврши. Тешко е, но се надеваме дека наскоро ќе има напредок, рече Рубио и додаде дека претседателот на САД, Доналд Трамп, е „апсолутно јасен“ во ставот дека сака војната да заврши и е подготвен да ја поддржи „секоја иницијатива што може да донесе траен мир, објави „Анадолија“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во врска со мировните преговори „ништо нема да се случи“ додека тој не се сретне лично со рускиот претседател Владимир Путин.