Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека за време на „многу позитивен“ телефонски разговор, го повикал својот американски колега Доналд Трамп да преговара за мир во Украина по постигнувањето на договор за прекин на огнот во Газа.
„Му честитав на претседателот Доналд Џ. Трамп за неговиот успех и договорот за Блискиот Исток што успеа да го постигне, што е извонредно достигнување. Ако војната може да се запре во еден регион, тогаш и другите војни сигурно можат да се запрат, вклучително и војната што ја води Русија“, рече Зеленски на социјалната мрежа Фејсбук.
Зеленски рече дека го информирал Трамп за руските напади врз енергетскиот систем на Украина, еден ден по едно од најголемите бомбардирања во Русија, кое остави десетици илјади домаќинства без струја и уби седумгодишно дете.
„Разговаравме за можностите за зајакнување на нашата воздушна одбрана“, рече тој, но не даде дополнителни детали. „Мора да постои подготвеност од руска страна да се започне искрена дипломатија, а тоа може да се постигне со сила“, додаде тој.
Се очекува украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко да отпатува во Соединетите Држави на почетокот од следната недела за да разговара за можните санкции, енергијата и украинската воздушна одбрана.