Зеленски: Путин ја сака цела Украина, руската воена машинерија ќе запре „само кога ќе ѝ снема гориво“

119
EPA/STRINGER

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека таканаречените „територијални размени“ со Русија нема да ја запрат војната во Украина и дека руската воена машинерија ќе запре „само кога ќе снема гориво“.

„Човек би можел да помисли дека територијалните размени или обидот да се заведе (рускиот претседател Владимир) Путин преку враќање на трговијата со Америка или со светот би можеле да ја запрат оваа војна.

Тоа не е вистина. Руската воена машинерија ќе запре само кога ќе снема гориво“, рече украинскиот претседател на годишната конференција ДА 2025, организирана од Фондацијата Виктор Пинчук, пренесува РБК Украина. Тој нагласи дека целта на Путин е окупација на цела Украина и дека само „силни одговори“ можат да ја принудат Русија да ги промени своите цели.

„Ова не може да се постигне само преку убедување и дијалог. Потребен е силен притисок за Путин, наместо да ја окупира Украина, да се стреми да ја зачува својата економија“, нагласи Зеленски. Тој додаде дека Русија секогаш се обидува да ги искористи безбедносните дефицити и дека тие треба да се пополнат преку ефикасна соработка меѓу САД и Европа.

„Токму затоа создаваме нов систем на безбедносни гаранции заснован на нашата силна армија“, нагласи украинскиот лидер.

Зеленски рече дека кога специјалниот претставник на американскиот претседател, Кит Келог, е во Киев, руските трупи не извршуваат масовни напади, шегувајќи се дека е подготвен да „додели државјанство и стан“ на американскиот функционер.

„Подготвен сум да му доделам државјанство на генералот Келог. Сè што е потребно е стан, ако тоа ќе ја охрабри Русија да прекине со огнот… Кога сте во Киев, жителите на Киев дефинитивно можат да се наспијат… Ова не е шега.

Кога претставникот на американскиот претседател Трамп е во Киев, нема масовни напади. Убијците се воздржуваат од убивање. Ова не функционира со претставници на други земји“, рече Зеленски.

Тој посочи дека можеби би функционирало со претставник на Кина, но дека, како што забележа, „се чини дека Пекинг не е заинтересиран да ја запре, ако не целата војна, тогаш барем нападите“.

„Не функционира ниту со претставници на меѓународни организации. Кога генералниот секретар на ООН беше во Киев, Путин удри. Доста спектакуларно.

Истото важи и кога ОБСЕ, НАТО и ММФ се тука“, потсети Зеленски. Значи, додаде тој, САД имаат моќ да влијаат врз рускиот претседател за тој „барем да го поправи своето однесување“. Тој оцени дека можеби „ова е опција за спроведување на прекинот на огнот за кој зборуваше американскиот претседател Доналд Трамп уште во февруари“, пренесува „Танјуг“.

 

ИЗДВОЕНИ