Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес, на заедничка прес-конференција со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во Киев, изјави дека буџетот за една година војна е 120 милијарди долари.
„Цената на војната за една година е 120 милијарди долари. Од тоа, 60 милијарди долари доаѓаат од украинскиот буџет, а за следната година треба да најдеме дополнителни 60 милијарди долари“, рече Зеленски, пренесува „Укринформ“.
Сепак, тој нагласи дека сè уште се надева дека војната ќе заврши оваа година и дека нема да им бидат потребни тие пари.
„Се надевам дека ќе ја завршиме оваа војна и тоа е нашиот план А, додека планот Б е да обезбедиме 120 милијарди долари за следната година. Ова е голем проблем. Не велам дека во мирно време, за време на прекин на огнот или под безбедносни гаранции, ќе ни требаат подеднакво големи суми пари, но во секој случај мора да го разберете обемот на проблемот“, рече украинскиот претседател.