| САД и Киев го скроија, се чека одговор од Москва |
Украина го објави сеопфатниот мировен план од 20 точки договорен со САД, за кој се очекува да биде основа за мировни преговори и за крај на речиси четиригодишната војна, објавува „Киев пост“.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, нагласи дека Русија треба да одговори за планот на состанок со американските преговарачи, кој се очекуваше во текот на вчерашниот ден. Tој додаде дека е потребен референдум за мировниот договор, но само во услови на примирје, кое би траело најмалку 60 дена.
Во планот што го објави украинскиот претседател не е предвиден влез на Украина во НАТО, туку само зачленување во ЕУ во одреден момент. Но, планот содржи потврда за суверенитетот на Украина, пакт за ненапаѓање меѓу Русија и Украина, безбедносни гаранции од САД, НАТО и од ЕУ според членот 5 на Алијансата, ограничување на украинската армија на 800.000 војници во мирно време. Исто така, се предвидуваат и воен одговор и обновени санкции при нова руска инвазија, како и тоа во руските закони да се вметне клаузула за политика на неагресија кон Европа и кон Украина. Во посебен инвестициски договор треба да се утврди глобален пакет за развој на Украина, да се создадат неколку фонда за решавање на проблемите со закрепнувањето, при што се цели на сума од 800 милијарди долари, да се забрза договорот за слободна трговија меѓу Украина и САД. Се планира Украина да има статус на земја без нуклеарно оружје, а има точки и за нуклеарната централа „Запорожје“, со која би оперирале Украина и САД.
Што се однесува на територијалното прашање, едната опција е Русија да се повлече од Днепропетровск, Николаев, Суми и од Харков, а Украина да ги задржи своите позиции во Донецк, Луганск, Запорожје и во Херсон. За барањето на Русија Украина да го напушти Донецк, САД предлагаат компромис: слободна економска зона. Договорот предвидува и размена на затвореници и избори во Украина веднаш по потпишувањето на договорот, како и прекин на огнот откако ќе стапи на сила.












