Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сè уште не добил јасен одговор од своите европски сојузници за тоа како би реагирале во случај на нова руска инвазија на Украина, доколку се постигне договор за прекин на војната.
Неговата изјава доаѓа по состанокот на европските лидери и американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, одржан во Париз како дел од таканаречената Коалиција на волните, на кој беа разгледани безбедносните гаранции за Украина. Според претходните најави, овие гаранции треба да стапат во сила по евентуалниот прекин на огнот.
Сепак, одговарајќи на новинарско прашање дали верува дека Европа би интервенирала воено во случај на нов руски напад, Зеленски рече дека сè уште не добил таква потврда, пренесува АФП.
Според него, меѓу сојузниците постои политичка подготвеност да ѝ понудат на Украина силни безбедносни гаранции, но сè додека тие не бидат законски дефинирани и потврдени во парламентите на европските земји, или во американскиот Конгрес, не може да се зборува за конкретен одговор на евентуална агресија.
Зеленски, исто така, рече дека САД треба да извршат поголем притисок врз Русија, вклучително и барање за отстранување на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кого го смета за еден од клучните сојузници на претседателот Владимир Путин и активен учесник во руската офанзива во Украина.












