Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на самитот на Г7 во Канада, Украина ќе ги постави прашањата за притисок врз Русија, користењето на замрзнатите руски средства, санкциите, како и ограничувањата на цената на руската нафта.
„Што се однесува до Групата седум, за нас е многу важно заеднички да утврдиме конкретни мерки за притисок за да го запреме Путин, да го принудиме да прекине оган и војна. Ќе разговараме за замрзнатите руски средства и санкциите со лидерите“, рече Зеленски на прес-конференција во Виена, по средбата со австрискиот претседател Александар Ван дер Белен, објави руската новинска агенција Интерфакс.
Овогодинешниот самит на Г7 ќе се одржи од 15 до 17 јуни во Кананаскис, Алберта, Канада. Главните теми на овогодинешниот самит ќе бидат глобалната економска стабилност и раст, климатските промени и одржливоста на животната средина, глобалната нееднаквост, геополитичките конфликти и технолошките иновации и регулативи.
Самитот го води канадскиот премиер Марк Карни, а главни учесници се шефовите на држави и влади на Франција, Велика Британија, Германија, Италија, САД и Јапонија, а некои од поканетите учесници, покрај Украина, се и Европската Унија, Бразил, Индија и Австралија.