Путин е тој што одлучува за сè во Русија и тој е тој што мора да го реши прашањето за војната, ова е негова војна и затоа преговорите мора да бидат со него, изјави во вторникот украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува Укринформ.
Во пресрет на средбата со Владимир Путин во Турција, најавена за четврток, американската мрежа Си-Ен-Ен посочува дека украинскиот претседател го „подигнал влогот“ велејќи дека нема да разговара со ниту еден руски претставник освен со самиот претседател.
Зеленски рече дека ќе отпатува за Турција откако американскиот претседател Доналд Трамп го покани да се сретне со Путин.
Рускиот лидер предложи директни разговори меѓу Москва и Киев во земјата во четвртокот како одговор на ултиматумот за прекин на огнот или санкциите дадени на Москва од европските сојузници на Киев во саботата.
Запрашан од Си-Ен-Ен за целите на можниот состанок – самит на кој Путин сè уште не се согласил да присуствува и покрај тоа што самиот го предложил – Зеленски рече дека сè што е помалку од договор за прекин на огнот би било неуспех.
Истовремено, агенцијата Anadolu јавува дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера повторно изразил поддршка за прекинот на огнот меѓу Русија и Украина, нагласувајќи дека НАТО не треба да биде дел од војната.