Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вчера избегна директен одговор на прашањето на новинар во Овалната соба на Белата куќа, каде што се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, „дали ќе испрати повеќе луѓе во смрт или е подготвен да ги прецрта границите“.
„Ви благодарам за прашањето“, рече Зеленски и повтори дека неговата земја мора да најде дипломатски начин да ја заврши војната, изразувајќи подготвеност да учествува на трилатерален состанок со Трамп и Путин, објавува „Њујорк тајмс“.
Потоа Зеленски рече дека 18-месечно дете е убиено во денешниот руски напад врз Харков, нагласувајќи ја потребата од запирање на војната преку дипломатски средства.
Трамп претходно изрази увереност дека може да обезбеди заедничка средба со Путин и Зеленски ако состаноците во Белата куќа „одат добро“. „Постои разумна шанса за завршување на војната преку таков трилатерален состанок“, рече американскиот претседател.
Тој, исто така, изјави дека примирјето во Украина не е неопходбо за преговори за завршување на војната.