Според официјалниот распоред на Белата куќа, Трамп ќе се сретне со Зеленски во 19 часот по централноевропско време, по што се предвидени само 15 минути за обраќање пред медиумите. Потоа двајцата лидери ќе одржат работен ручек кој треба да трае околу 45 минути, пред американскиот претседател да се упати кон својата резиденција во Палм Бич, Флорида.
Интересно, е што денешниот распоред не вклучува средба во Овалната соба, што е вообичаена практика за време на големите билатерални посети на странски лидери.
Главната цел на средбата е потврдување на веќе договорени точки од претходниот телефонски разговор меѓу двајцата лидери и разговор за безбедносна соработка, енергетски прашања и идните односи меѓу САД и Украина. Не е јасно дали ќе се дискутира за долгорочните ракети „томахавк“ кои Украина ги побарала.
Средбата следи еден ден по разговорот на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин, што предизвика загриженост во Киев за можен пресврт во американската политика кон Русија.
Зеленски по пристигнувањето се обиде да одржи оптимистичен тон, најавувајќи конкретни предлози и очекувања, но краткиот формат на средбата и отсуството на заедничка прес-конференција покажува воздржаност во Белата куќа.